Британскиот парламент вчера се очекуваше да го отфрли договорот на премиерката Меј. Кои се можните сценарија ако пратениците гласаат против договорот за брегзит?
Вчера се очекуваше британскиот парламент да го отфрли договорот на премиерката Тереза Меј. Кои се можните сценарија ако пратениците гласаат против договорот за брегзит што шефицата на британската влада го постигна со Европската Унија.
Меѓу првите опции на британската влада, во случај пратениците да го одбијат договорот, ќе биде напуштање на ЕУ без договор. Законот е веќе усвоен, што значи дека Британија ќе излезе од Унијата на 29 март 2019 година. Во секој случај, правилата на ЕУ пропишуваат дека Британија ќе излезе на тој датум. Истовремено, Владата најверојатно ќе се обиде да донесе некои закони за подготовка на брегзит без договор, но тоа не е од есенцијално значење. Пратениците што не се среќни поради изгледите за брегзит без договор, ја поразија Владата на 8 јануари, кога го изгласаа предлогот за ограничување на Министерството за финансии да зголемува одредени даноци. Чекорот се смета за симболичен, но е јасен индикатор дека пратениците ќе се обидат да запрат брегзит без договор. Нивната последна санкција, доколку Владата не попушти, ќе биде гласање за доверба на Меј и нејзиниот кабинет
Доколку пратениците гласаат против договорот, второто сценарио предвидува Владата да предложи преговори за нов договор за брегзит. Сепак, тоа нема да биде лесна задача, со мали измени. Наместо тоа, најверојатно ќе следуваат нови цели преговори, за кои ќе биде потребно подолго време и можеби евентуално проширување на членот 50 за одложување на брегзит. И за тоа ќе бидат потребни два клучни чекори. Прво, Британија ќе треба да побара од ЕУ проширување на членот. Тоа може да биде одобрено само ако сите членки на Унијата го поддржат во Советот на ЕУ. Второ, Владата ќе мора да претстави статусен инструмент за да ја измени дефиницијата на „ден на излегување“ во Законот за повлекување од ЕУ. Пратениците ќе добијат можност да гласаат за оваа промена. Од друга страна, ако ЕУ повторно одбие преговори, Владата ќе мора да се одлучи за некоја од другите опции.
Третото сценарио предвидува предвремени избори, особено ако премиерката Меј одлучи дека тоа е најдобар начин за излез од блокадата. Со тоа, таа би се обидела да добие политички мандат за нејзиниот договор. Британската премиерка нема моќ едноставно да распише избори. Но, исто како и во 2017 година, Меј може да побара од пратениците да гласаат за предвремени избори, во согласност со Законот за фиксен мандат на парламентот. Две третини од пратениците треба да го поддржат таквиот чекор, а најран датум за изборите би бил 25 дена подоцна од гласањето во парламентот. Сепак, може да биде и подоцна, а Меј ќе го избере точниот датум. Исто како и со планот за нови преговори, за ваквиот потег ќе биде потребно да се побара од ЕУ да го прошири членот 50.
Според четвртото сценарио, можно е гласање за доверба на Владата. Лабуристичката партија веќе најави гласање за доверба ако предложениот договор е одбиен во парламентот. Дури и самата Меј може да побара гласање за доверба, во обид да го зацврсти својот авторитет. Британските закони предвидуваат неколку можни исходи доколку Владата го загуби формалното гласање за доверба. Па така, ако Владата не успее да победи на гласањето за доверба во рок од 14 дена, тогаш ќе бидат распишани предвремени избори. Најран датум за изборите би бил 25 дена подоцна од гласањето во парламентот. Сепак, ако Владата успее да ја добие довербата во парламентот во рамките на овој четиринаесетдневен период, тогаш таа продолжува и понатаму. Последна опција е промена на Владата. Тоа би значело уште една малцинска влада на конзервативците со друг премиер, коалициска влада или малцинска влада со друга партија, која има договор со другите партии да ја поддржат на гласањето за доверба.
На крајот, во согласност со петтото сценарио, Владата може да се одлучи на одржување нов референдум. Исто како и во случајот со нови преговори или предвремени избори, за ова најверојатно ќе биде потребно проширување на членот 50, бидејќи е веќе предоцна да се одржи референдум пред 29 март. За нов референдум ќе биде потребна нова легислатива, која ќе го овозможи новото гласање и ќе ги одреди правилата, како на пример кој ќе може да гласа. Тоа не може да се спроведе набрзина, бидејќи мора да има доволно време за изборната комисија да го разгледа и да даде совет за референдумското прашање. Прашањето потоа е дефинирано во легислативата. Откако ќе биде усвоена легислативата, референдумот сепак нема да може да се случи веднаш. Потребно е да помине одреден „референдумски период“ пред да се случи гласањето.