Унгарскиот премиер Виктор Орбан изрази поддршка за одлуката на полскиот Уставен суд, кој во четвртокот ги прогласи законите на Европската Унија за некомпатибилни со полскиот устав.
– Приматот на правото на ЕУ може да биде аплицирано само во оние области каде што ЕУ има моќ, а рамката за ова е поставена во договорите на ЕУ – кажа Орбан повикувајќи ги институциите на ЕУ „да го почитуваат суверенитетот на земјата-членка“.
Судската одлука е последниот спор во битката на ЕУ со Полска и со Унгарија кои имаат десничарски влади и честопати се поддржуваат меѓусебно во несогласувањата со Брисел поради владеењето на правото.
Унгарија и Полска кон крајот на минатата година го блокираа усвојувањето на дел од пакетот за седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување, бидејќи не се согласуваа со механизмот според кој европските фондови и средства се условени со владеењето на правото.
Европската комисија веќе изрази сериозна загриженост за одлуката на полскиот суд, особено бидејќи таа беше силно поддржана од полската влада. Брисел порача дека нема да се колеба да ги искористи механизмите во рамки на заедничките европски договори за да го заштити интегритетот на правото во ЕУ.