Рускиот опозициски лидер, кој е во затвор, Алексеј Навални, објави дека го прекинува штрајкот со глад откако доби медицинска помош и откако лекарите го предупредија дека ако продолжи, неговиот живот ќе биде загрозен.
Со објава на Инстаграм, на 24-тиот ден од штрајкот со глад, Навални изјави дека ќе продолжи да бара неговиот лекар да го прегледува поради губење на чувството на рацете и нозете, пренесе „АП“.
Тој додаде дека, сепак, ќе го прекине штрајкот откако ќе биде прегледан од лекари кои не се од затворот, што тој го нарече „огромен напредок“.
Навални изјави дека е постигнат огромен напредок благодарение на поддршката на голем број луѓе ширум земјата и светот.
Тој штрајкуваше од 31 март во знак на протест поради одбивањето на затворската управа да му дозволи да го посетуваат неговите лекари, откако почувствува остри болки во грбот и чувство на вкочанетост на нозете.
Навални издржува затворска казна од две и пол години под обвинение за стар случај на проневера, за кој тврди дека е лажен.