Стопанската комора на ЕУ повикува на акција ако Кина не ги реформира своите државно управувани претпријатија и економијата, и ако не го отвори својот пазар за европските компании
Кина веќе води трговска војна со САД, но наскоро би можела да се соочи со уште еден економски конфликт со ЕУ. Значаен извештај објавен од трговската комора на ЕУ предупредува дека најголемиот светски трговски блок треба да преземе „одбранбени мерки“ за да го заштити единствениот пазар на Европа, освен ако Пекинг не спроведе „конкурентна неутралност“ и не „го реформира“ својот модел на државно управување со компаниите и економијата.
Во студијата, Европската бизнис лоби-група повика на директна акција за ограничување на моќта на сѐ посилните државни претпријатија на Кина.
– Наместо да се намалат кинеските државни компании до соодветна управувачка големина, да се определат индустриите што би биле најсоодветни за нивно дејствување и да се приватизираат другите фирми, целта е тие да се направат „посилни, подобри и поголеми“ – напиша Јерг Вутке, шеф на Стопанската комора на ЕУ во Пекинг, во документот „Европскиот бизнис во Кина“.
Тој всушност го цитираше кинескиот претседател Си Џинпинг, кој повика државните компании да станат „посилни, подобри и поголеми“ за време на 19-от конгрес на Комунистичката партија во 2017 година. Оттогаш, државните компании продолжија да добиваат големи договори и финансии, проголтувајќи ги инвестициите од приватниот сектор и замрзнувајќи ја странската конкуренција, се вели во позицискиот документ.
Извештајот дури ја обвинува Кина дека ги прекршува глобалните стандарди за економско управување и дека ги јакне кинеско-американски тензии преку својата „растечка државна економија“.
– Ако Кина не спроведе реформи во однос на државните претпријатија и на неутралната конкурентност, во наредните години ќе бидат неопходни соодветни мерки за да се заштити пазарот на ЕУ – се посочува во извештајот.
Според документот, критичните мерки би требало да бидат воведени од страна на Брисел за да се забрза политиката на „отвореност“ на Пекинг, како што е зајакнување на контролата врз кинеските странски инвестиции и испитување на препреките за фирмите на ЕУ на кинескиот пазар за јавни набавки.
– Европската бизнис-заедница беше сведок на претходните кинески лидери, кои следеа смела економска либерализација во изминатите четири децении и смета дека акумулираното искуство, како и далеку пософистицираниот регулаторен систем, сега ја ставаат Кина во силна позиција да се насочи кон воспоставување слободна пазарна економија – се истакнува во студијата.
Документот би требало да ги алармира креаторите на политики на втората најголема економија во светот, оценува Гордон Ватс од „Ејжа тајмс“. Порастот на кинескиот БДП беше блиску до триесетгодишниот минимум од 6,2 отсто во вториот квартал по зголемувањето на трговскиот спор со САД. Повеќе од една година, трговската војна ја кочи и онака забавената економија на Кина, која се соочува со лоши резултати во изминатите три месеци. Во август, економскиот пораст повторно забави во повеќе сектори, од малопродажба до индустриско производство, каде што таа падна на најниско ниво во изминатите 17 години. Продажбата на нови автомобили е во застој, а настрадаа и цените на недвижностите поради зголемувањето на долговите на потрошувачите. Згора на сѐ, падот се случува во момент кога владата на Си го имплементира државниот економски модел врз високотехнолошките производи и услуги. За планот на Пекинг битно е зголемување на потрошувачката, а не извозот на евтини стоки.
– Со нова можна криза, време е да се дејствува – нагласува Вутке, алудирајќи на барањето за „отворање“ и „реформирање“ на кинеската економија.
Според експертите, во Брисел се чувствува „замор од ветувањата“, како што вели Стопанската комора на ЕУ, но засега е тешко да се постигне компромис меѓу сите 28 членки, имајќи го предвид и излегувањето на Британија од блокот.
Досега, Пекинг потпиша договори за спроведување инфраструктурни проекти, поврзани со контроверзната иницијатива за обнова на Патот на свилата, со 14 членки на ЕУ, меѓу кои и Италија, Грција и Португалија. Кина исто така е и главен извор на директни странски инвестиции во повеќе земји.
– Гледаме многу работи на ист начин како и САД. Се браниме од компаниите субвенционирани од државата што ги купуваат нашите најкреативни компании, се бориме против кражбата на интелектуална сопственост и се залагаме за поголема транспарентност. Тесно соработуваме со САД и Јапонија кога, на пример, станува збор за подобро следење на кинеските инвестиции во нашите земји – изјави за „Шпигел“ еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром.