Унгарската влада годишно испраќа милиони евра во соседните држави каде што има унгарско малцинство, што аналитичарите го сметаат за обид на унгарскиот премиер Виктор Орбан за стекнување на гласовите од странство, според „Еурактив“.
– Поддршката за унгарските заедници што живеат во странство мора постојано да биде во фокусот на унгарската надворешна политика – истакна неодамна унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
По доаѓањето на власт во 2010 година, партијата на Орбан, Фидеш, го измени унгарскиот закон за државјанство, олеснувајќи го процесот за добивање на државјанство за етничките Унгарци кои живеат во странство. На овој начин беше отворен процесот за натурализација за многумина од 2,2-та милиони Унгарци кои живеат во соседните држави, што отвора и можност за влијание врз изборите во Унгарија која има нешто помалку од 10 милиони жители.
По воведувањето на законот, бројката на Унгарци од соседните држави кои стекнаа унгарско државјанство надмина 600 илјади до 2015 година. А за време на парламентарните избори во 2018-та година, 96 отсто од 225-те илјади гласови на избирачите немаат постојан престој во Унгарија беа за Фидеш.
Примарен инструмент за вложувањата надвор од Унгарија претставува фондот Бетлин Габор (ГБФ) кој минатата година издвои 351 милион евра за „помош за цели на националната политика“. Парите ги добиваат цркви, културни организации, образовни установи, медиуми и спортски тимови.
– Против ваквата унгарска практика јавно се побуни Словачка, кога министерот за надворешни работи упати критики во писмо до неговиот унгарски колега Сијарто, а романската влада измени одреден закон за да ги оневозможи унгарските компании да навлезат на тамошниот пазар – наведува „Еурактив“.
И ривалот на Орбан избран од здружената унгарска опозиција Петер Марки-Зај во скорешно интервју посочи дека се сомнева оти „љубовта на Орбан за Унгарците надвор од државата не е поттикната од искрен ентузијазам, туку од политичка корист“.