Британската премиерка Тереза Меј денеска изјави дека Велика Британија и Европска унија немаат различни ставови за преговорите за Брегзит и оти договорот е остварлив.
Меј, обраќајќи се пред пратениците во британскиот Парламент, истакна дека рамката на договорот е јасна во поголемиот број сфери, но дека постојат поинакви ставови за прашањето на ирската граница.
Велика Британија го отфрла предлогот на ЕУ, Северна Ирска да остане во царинска унија во европскиот блок. За Меј тоа е неприфатливо, но додаде дека двете страни сега разговараат за пошироко британско царинско решение со цел Велика Британија да остане во царинско партнерство со ЕУ.
Но, несогласувањето е поради инсистирањето на Велика Британија дека таквото решение мора да биде привремено.
Меј посочи дека Велика Британија и ЕУ не треба да дозволат несогласувањето за ирската граница да ги остави двете страни без договор за Брегзит.
– Ние не можеме да дозволиме несогласувањето да го загрози добриот договор и да не остави без договор, тоа никој не го посакува – наведе Меј.