Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го фрлил во канта за отпадоци писмото од американскиот колега Доналд Трамп. Во писмото од 9 октомври, Трамп го предупредил Ердоган дека ако ситуацијата во Сирија не се реши хумано, во историјата ќе остане запаметен како ѓавол. Писмото било испратено истиот ден кога почна турската офанзива во североисточна Сирија, која наиде на остри критики од Вашингтон и од повеќе европски земји.
Москва – Тројца американски дипломати биле симнати од воз во близината на северниот руски град Северодвинск, бидејќи влегле на таа територија без соодветна дозвола. Руското МНР соопшти дека американската амбасада навистина побарала дозвола за официјална посета на дипломатите, но дозволата се однесувала за Архангелск, а не за Северодвинск. Во Северодвинск се наоѓа одбранбената индустрија на Русија и пристапот на странски државјани во градот е забранет без соодветна дозвола.
Будимпешта – Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди дека Унгарија ќе мора да примени сила на својата јужна граница со Србија, доколку Турција ја оствари заканата и ја отвори границата за бегалци кон Европа. Орбан оцени дека моменталната ситуација во Сирија би можела наскоро да има последици и за Унгарија, чии граници истовремено се граници и на Европската Унија.
Дамаск – Сириската војска во придружба на руски војници влезе во Кобане, стратегиски важен пограничен град и потенцијално жариште за поширок судир. Потегот на сириската војска следува неколку часа откако Сириската опсерваторија и курдски извори соопштија дека американските војници се повлекле од Кобане. По повлекувањето на американските сили, Сириските демократски сили (СДФ) склучија договор со сириската влада за распоредување војници на турско-сириската граница во одбрана од турската офанзива.