Велика Британија – Универзитетот „Оксфорд“ и британската фармацевтска компанија „Астрозенека“ привремено го прекинаа завршното тестирање на својата вакцина против ковид-19, која важи за најнапредна, поради, како што кажаа, необјаснива болест на еден од волонтерите. Тоа е стандардна процедура во тестирањата вакцини, за да се осигура дека тие нема да предизвикаат сериозни реакции кај учесниците. Вакцината на „Оксфорд“ успешно ги поминала првата и втората фаза од тестирањето, а завршната фаза се спроведува во САД, Велика Британија, Јужна Америка, Азија, Европа и Африка, во што учествуваат 30.000 волонтери.
САД – Американскиот претседател Доналд Трамп е номиниран за Нобелова награда за мир, пренесуваат американските медиуми. Номинацијата ја предложи норвешкиот десничарски политичар Кристијан Тајбринг Ѓеде поради „историскиот мировен договор“ меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати.
– Мислам дека тој се обиде повеќе да создаде мир меѓу народите отколку повеќето други кандидати за награда за мир – рече Ѓеде за „Фокс њуз“.
Авганистан – Најмалку десет лица се убиени во средата во бомбашки напад во авганистанската престолнина Кабул, а според медиумите станува збор за атентат врз потпретседателот на земјата Амрула Салех. Салех, поранешен директор на авганистанската разузнавачка служба, го преживеал нападот, добивајќи само полесни повреди на лицето и на раката. Експлозијата од средата утрото на кабулскиот плоштад „Таимани“ се случи во периодот кога авганистанските функционери и претставниците на радикалното исламистичко движење „Талибан“ се подготвуваа за првите формални преговори за склучување мир.
Белорусија – Опозицискиот политичар Максим Знак беше приведен во средата од маскирани лица што носеа обична облека, рекоа приврзаниците, додека властите ја проширија систематската кампања за приведување на водачите на едномесечните протести. Знак беше приведен два дена откако друга опозициска лидерка, Марија Колесникова, беше грабната на улица од маскирани лица. Двајцата се истакнати лидери на протести што бараат оставка од претседателот Александар Лукашенко по изборите на 9 август, кои, според опозицијата, се наместени.