Багдад – Ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими, кој два дена ќе престојува во Вашингтон, треба да има средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Главна агенда на разговорите, според „Ројтерс“, ќе биде присуството на 5.000 американски трупи распоредени во Ирак. Кадими, кој ја презеде функцијата во мај, се соочува со предизвици од Хашид ал Шааби, коалиција на ирачките шиитски паравоени групи, кои имаат блиски врски со Иран и кои бараат напуштање на американските војници од Иран.
Москва – Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, е на интензивна нега во болница во Омск, каде што се лекува поради сомнително труење, изјави неговата портпаролка Кира Јармиша, пренесе АП. На Навални му се слошило додека бил на лет од Москва кон Томск, принудувајќи го авионот непланирано да слета во Омск, каде што бил пренесен со брза помош во болницата, објави Јармиш на Твитер, наведувајќи дека Навални е во несвест.
Дамаск – Сириските власти се согласија да ѝ дадат на Русија дополнителна копнена и морска територија за проширување на воздушната база Хмејмим, покажува документот на руската влада објавен во средата. Договорот, потпишан од претставници на Сирија и на Русија на 21 јули, стапи во сила на 30 јули и се однесува на копнената и морската територија во северната провинција Латакија, каде што се наоѓа руската воздушна база Хмејмим, пренесе агенцијата ТАСС.
Вашингтон – Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера официјално го извести Советот за безбедност на ОН дека Соединетите Американски Држави имаат намера да го започнат процесот на враќање на санкциите на ОН врз Иран. Портпаролот на американскиот Стејт департмент Морган Ортагус рече дека 30 дена по известувањето „ќе бидат обновени низа санкции на ОН, меѓу другото, и продолжување на ембаргото за вооружување на Иран.