Првата дама на САД, Меланија Трамп, ги повика Американците да се обединат против расните поделби и истовремено изрази сочувство за жртвите од пандемијата на коронавирус.
– Знам дека многумина се загрижени и дека некои од вас се чувствуваат беспомошни, но сакам да знаете дека не сте сами – рече таа на републиканската изборна конвенција, на која нејзиниот сопруг Доналд Трамп беше номиниран за претседателски кандидат на републиканците.
Таа се осврна и на расните поделби и расно мотивираното насилство, пренесува Би-би-си.
– Тоа е груба вистина дека не сме горди на делови од нашето минато. Ве повикувам да се фокусирате на иднината и во исто време да продолжите да извлекувате поуки од минатото – истакна американската прва дама.
Таа ги повика Американците да работат и да живеат пристојно заедно и да покажат дека се достојни за стандардите на американските идеали.
– Исто така, ги повикувам луѓето да престанат со насилство и грабеж во име на правдата и никогаш да не градат претпоставки засновани врз бојата на нечија кожа – истакна таа.
Таа, исто така, зборуваше за страдањата предизвикани од пандемијата на коронавирусот во САД и ја објави борбата за ефикасна вакцина достапна за сите.
Републиканската конвенција започна со молитва за Афроамериканецот Џејкоб Блејк, кого полицијата во Висконсин го застрела во грб пред неговите деца.