Многу економии во светот ќе паднат во рецесија, предупреди ОЕЦД

Шпанија ја повика ЕУ да подготви Маршалов план за целиот европски блок за да се спречи ширењето на коронавирусот и да се санираат економските штети

ЕВРОПСКИ МЕРКИ ЗА САНИРАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ШТЕТИ

Шпанија ја повика ЕУ да подготви Маршалов план за целиот европски блок за да го спречи ширењето на коронавирусот, а Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предупреди дека на светот ќе му бидат потребни години за да заздрави од последиците од коронавирусот.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја пофали Европската комисија за нејзиниот досегашен одговор за здравствената криза, но нагласи дека е потребен европски план за обнова на европската економија. Шпанската влада минатата недела објави пакет-мерки од 200 милијарди долари за санирање на економските последици од коронавирусот.

– Ова е криза што ги засега сите земји во ЕУ. Потребно ни е да подготвиме голем Маршалов план за обнова. Веќе правиме исклучителни фискални напори, но важно е тоа да не се прави само на национално ниво – порача премиерот на Шпанија, чија земја е една од најпогодените во Европа од пандемијата на коронавирус, според бројот на заразени и жртви.
ОЕЦД исто така повика на амбициозен план за санирање на економските последици од пандемијата на коронавирусот, кој го спореди со Маршаловиот план за обнова на Европа по Втората светска војна. ОЕЦД претстави план од четири чекори за справување со епидемијата, кој вклучува бесплатно тестирање од вируси, подобра опрема за лекарите и медицинските сестри, трансфер на готовина на работниците, вклучувајќи ги и самовработените, и одложување на роковите за плаќање данок за бизнисите.

Генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Гурија, нагласи дека актуелниот економски шок веќе е поголем од тој од финансиската криза од 2008 година. Според него, верувањето дека земјите брзо ќе заздрават од кризата може да се нарече само пуста желба. Гурија посочува дека претходните предупредувања дека тешка пандемија би можела да го преполови глобалниот економски пораст на 1,5 отсто веќе изгледаат премногу оптимистички. Тој смета дека многу од водечките економии во светот ќе паднат во рецесија во наредните месеци.
– Дури и да нема светска рецесија, или ќе нема пораст или ќе има негативен пораст во многу економии во светот, меѓу кои и во поголемите економии, и затоа не само што ќе има низок пораст годинава туку и ќе биде потребно многу повеќе време во иднина за да се вратат работите во нормала – нагласи тој.
Шефот на ОЕЦД нагласи дека во моментот не се знае колку време ќе биде потребно да се намали невработеноста во иднина, затоа што уште не се знае колку луѓе ќе останат без работа.

– Не се знае ни колку време ќе биде потребно за да се санираат стотиците илјади мали и средни претпријатија што веќе страдаат – посочи Гурија.
Тој ги повика државите да се откажат од досегашните правила за трошење, за да обезбедат што побрзо санирање на штетите, но истовремено предупреди дека зголемените дефицити и задолжувања ќе ги мачат државите во иднина.
Инаку, Маршаловиот план на САД е план за обнова на Европа по Втората светска војна и за сузбивање на влијанието на комунизмот. Според четиригодишниот план, кој се спроведувал од 1948 година, САД за обнова на Западна Европа префрлиле над 12 милијарди долари, односно денешни над 130 милијарди долари.


Германија се бори со пандемијата со Меркел во карантин

Германија е принудена да се справува со последиците од пандемијата без Ангела Меркел на кормилото, откако канцеларката мораше да замине во карантин поради контакт со докторка заразена со вирусот. Засега нема индикации дека и Меркел (65) е заразена со коронавирусот, но таа ќе мора да ја предводи најмоќната држава во ЕУ од дома, посочува „Политико“.

Како што коментираат западните медиуми, ако имаше една работа што ги смируваше Германците во изминатите недели, тоа е дека „вечната канцеларка“, која ја предводеше земјата низ густа магла цели 15 години, сѐ уште е на кормилото на државата. Дури и критичарите на Меркел признаваат дека таа е безбедна опција во неизвесни времиња. Канцеларката ја предводеше Германија низ финансиската криза во 2008 и 2009 година, должничката криза во еврозоната од 2010 година и бранот бегалци од 2015 година. Меркел, која најави постепено повлекување од политичкиот живот, сѐ уште беше најпопуларна политичарка во Германија пред избивањето на пандемијата на коронавирусот и изминатите денови успеа да ја засили довербата на граѓаните.

Германија е една од најпогодените земји со коронавирус во Европа, но истовремено има и најмал број починати од вирусот. Сепак, нивниот број се очекува да расте, а Меркел пред да замине во карантин најави уште построги мерки за запирање на ширењето на вирусот, кои се очекува уште повеќе да ја погодат и германската економија. Бундестагот во наредните денови ќе усвои низа мерки за санирање на економските последици од коронавирусот.