Францускиот претседател Емануел Макрон сака да направи исчекор во решавање на ќорсокакот во кој се најдоа ЕУ, Полска и Унгарија, поврзан со владеењето на правото, во текот на француското претседателство со европскиот блок во првата половина од 2022 година.
Макрон во Будимпешта истакна дека се потребни дијалог и почит за да се напредува во врска со прашањето за демократските вредности на блокот, по состанокот со лидерите на Унгарија, Полска, Чешка и Словачка.
Европската комисија го стопира одобрувањето на средствата од фондот за економско закрепнување на ЕУ вреден 750 милијарди евра, за Унгарија и Полска, поради загриженост оти тие не ги исполнуваат демократските стандарди.
Во првото тримесечие на 2022 година, Европскиот суд се очекува да донесе одлука за механизам кој ги условува земјите-членки да се придржуваат до стандардите за владеењето на правото за да добијат финансирање од фондовите на ЕУ. Тоа би можело да доведе до суспензија на дел од помошта наменета за Унгарија и Полска, кои ја оспоруваат новата регулатива.
– Се надевам дека напролет ќе имаме длабок разговор за механизмите со кои ова прашање треба да напредува. И за да се отстранат нејаснотиите, за да се покаже дека станува збор за егзистенцијални прашања за Европа кога се зборува за вредностите и за владењето на правото – порача Макрон.
Францускиот претседател истовремено истакнал и дека не гледа волја од Унгарија за справување со прашањата за наводната корупција при јавните тендери, како и за владеењето на правото, пред парламентарните избори закажани напролет.