Германија не е заложник на руската политика, изјави германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен, реагирајќи на обвинението на американскиот претседател Доналд Трамп дека Германија е „целосно контролирана” од Москва.
– Имаме многу прашања со Русија без никакво сомневање – изјави таа на маргините на самитот на НАТО.
– Од друга страна, треба да ја задржите линијата за комуникација меѓу држави или сојузници и противници без какви било прашања – изјави таа на прашање за обвинувањата на Трамп.
Трамп денеска повторно ја повика Германија веднаш да ги зголеми трошоците за одбрана на два проценти од БДП. Тој го упати овој повик на работен појадок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред почетокот на самитот на државите-членки на Алијансата во Брисел.
– Германија е целосно под контрола на Русија, тоа е многу лошо за НАТО. На Русија и се плаќаат милијарди, се градат гасоводи. Германија е заложник на Русија, Берлин се потпира главно на увозот на руски гас и ги отстранува своите нуклеарни централи. Нешто мора да се направи – и плаќаат милијарди на Русија, а ние плаќаме милијарди за да ги заштитиме од Русија – изјави Трамп.
Тој додаде и дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер работи за „Газпром“.
– Ги штитиме сите, плаќаме многу, тоа се случува со децении. Тоа е многу нефер кон нашата земја. Не за десет години, туку веднаш треба да се исполни целта трошоците за одбрана да бидат два проценти од БДП – истакна американскиот претседател.