Австрискиот канцелар Себастијан Курц (35) поднесе оставка за да ја спаси владината коалција од колапс, откако еден од помалите коалициски партнери побара негово повлекување кога стана јасно дека тој е цел на истрага под сомнение за корупција.
Потегот на Курц кој ги негираше обвинувањата за корупција, го задоволи коалицискиот партнер, Партијата на зелените, која се подготвуваше да го поддржи предлогот за изгласување на недоверба за канцеларот, за кој требаше да се одлучува за три дена. Курц, сепак, планира да остане лидер на Народната партија (ОВП) и нејзин главен претставник во парламентот, со што се очекува да продолжи да го води главниот збор во владејачката коалиција. Неговото управување со ОВП досега беше неоспорено, откако доби поддршка од 99,4 отсто во август.
– Оставката всушност не е вистинска оставка. Тоа е чекор назад кој води во втор ред, но моќта во ОВП и во владиниот тим се уште е во рацете на Себастијан Курц – вели политичкиот аналитичар Томас Хофер.
Досегашниот австриски канцелар создаде нешто што критичарите го нарекуваат „куќата на Курц“, тесно поврзана мрежа на негови лојалисти во владата, приватниот сектор и во медиумите, кои тивко соработуваат на заедничка корист. Александар Шаленберг (52), кој е предложен за преземање на канцеларската функција, тесно соработуваше со Курц уште кога лидерот на ОВП беше министер за надворешни работи на Австрија.
– Секако дека Шаленберг нема да стори ништо без претходен договор со Курц. Тој е еден од најблиските луѓе на Курц – посочува Хофер.
Политичкиот вундеркинд Себастијан Курц, кој стана лидер на Австрија на 31-годишна возраст, се издигна на политичката сцена преку имиџот на енергичен функционер кој му овозможи да стекне поддршка од различните генерации. Тој беше еден од најмладите лидери во Европа во 2017 година, кога оформи коалиција со десничарската Партија на слободата. Коалицијата се распадна по скандал во 2019 година, но Курц потоа победи на следните вонредни избори.