Блумберг

Итното враќање на стотици илјадници клиенти ќе ѝ нанесе штета на најпознатата туристичка агенција во светот 

Додека почнува операцијата за враќање на заглавените патници на туристичката компанија „Томас Кук“ која функционираше 178 години, и воедно се бараат виновниците за пропаѓањето, се случува друг паралелен процес, поточно спасување на фирмата по банкротот. Дури и фирмата повторно да стане ликвидна, мали се шансите да остане дел за акционерите. За нив веројатно нема да остане ништо по неуспешниот обид за спас, односно 900 милиони фунти за преструктуирање на долгот доделен од кинеската групација „Фосун“.

Сопствениците на хартиите од вредност се соочуваат со слична судбина. Со планот за спас драстично би се намалила вредноста на нивните удели, но би останале во рамки на групацијата, која ќе има 25 отсто од оперативниот бизнис на компанијата и 75 отсто од нејзината авиокомпанија. Вредноста на 6,25 отсто од обврзниците на компанијата, која изнесува 750 милиони евра, денес се намали за 70 отсто.

„Томас Кук“ располага со одреден капитал кој можеби би имал некаква вредност. Британските и германските авиокомпании имаат свој простор на аеродромите во Франкфурт, Дизелдорф, Гетвик и во Манчестер (германската авиолинија сè уште функционира).

Компанијата располага и со сопствена авионска флота. Иако авионите се релативно нови, сепак може да се јават нови купци. Големото прашање што сега се поставува е дали ќе има некаква корист од преземањето на туристичката компанија. „Фосун“, кој има најголем удел во „Томас Кук“, планира да вложи 450 милиони фунти во план за спас на фирмата. Можеби ќе се обиде да го спаси она што е останато, што барем ќе ја обезбеди иднината на кинескиот влог во британската компанија. Сепак, банкротот на компанијата и итното враќање на стотици илјадници патници ќе нанесе непоправлива штета.

Дали Британците некогаш повторно би патувале со „Томас Кук“? Секој нов сопственик би барал одговор на ова прашање. Колку и да се врати дел од вредноста на фирмата, никогаш нема да се достигнат обврските на компанијата, кои драстично се зголемија во текот на минатата година. Нето-долгот на крајот на март изнесуваше 1,25 милијарди фунти, а обврските за пензии изнесуваат речиси 500 милиони фунти.

Не е чудо што ривалите се задоволни. Пропаѓањето на „Томас Кук“ ќе отвори нови можности на туристичкиот пазар. Ова се добри вести за индустријата која се соочи со тешкотии поради почестото резервирање на Интернет и намалување на потрошувачката доверба со претстојниот брегзит. Сите овие фактори придонесоа за крах на компанијата.

Позитивните вести од овој сектор нема да ги утешат инвеститорите во „Томас Кук“, затоа што за нив одморот заврши.

Подготвила: Билјана Здравковска