Повлекувањето на Британија од ЕУ остави огромна дупка од 75 милијарди евра во буџетот на ЕУ за наредните седум години. Преостанатите членки сега водат битки дали да се штеди или да се троши
Претседателите, премиерите и канцеларите од земјите-членки на ЕУ се подготвуваат за нови мачни и долги преговори неделава во Брисел, овој пат за европскиот буџет, кој по брегзит останува полесен за десетици милијарди евра. Повлекувањето на Британија од ЕУ остави огромна дупка од 75 милијарди евра во буџетот на блокот за наредните седум години, 2021 до 2027 година.
– Сега сме како рогови во вреќа – изјави со воздишка еден дипломат на ЕУ.
Опфаќајќи области како земјоделски субвенции, научни програми и иницијативи на ЕУ за борба против климатските промени, новата повеќегодишна финансиска рамка треба да биде договорена од европските лидери и од сè понепредвидливиот европски парламент пред крајот на годината. Без договор, сѐ може да запре и тоа за само девет месеци, вклучувајќи ги и средствата за кохезија, кои се наменети за најсиромашните земји-членки на ЕУ.
Буџетските дискусии во Брисел се секогаш мачна работа. Но оваа е од различен карактер, зашто секој ќе мора да плати повеќе, а никој не го сака тоа. Земјите во ЕУ се подготвуваат за битки уште од првиот ден на преговорите в четврток, во Брисел. Самитот нема краен датум, но се најавуваат четиридневни разговори.
Во битката има два главни табора. Од една страна се оние што со гордост се опишуваат како штедливци, односно Холандија, Австрија, Шведска и Данска. Сепак, во рамките на групата има загрижени дека новата австриска коалициска влада, која сега е малку зелена, е најслаба алка, како и дека Швеѓаните полека омекнуваат во однос на штедењето. Како најголеми нето-плаќачи, штедливите земји инсистираат на европски буџет не поголем од еден отсто од бруто-националниот доход на ЕУ. Првичниот предлог на Европската комисија беше 1,1 отсто, што е околу 1.250 милијарди евра во текот на седум години.
Од другата страна се т.н. пријатели на кохезијата или „пријатели на корупција“, како што саркастично ги нарече еден ЕУ-дипломат од една од штедливите земји на Унијата. Во оваа група земји спаѓаат Чешка, Унгарија, Полска, Словачка, Естонија, Хрватска, Малта, Словенија, Бугарија, Кипар, Литванија, Летонија, Романија, Португалија и Грција.
Штедливците велат дека намалувањето од 90 милијарди евра што го предлага Комисијата за земјоделството и финансирањето за кохезија се недоволни. Кохезивците велат дека тие се неправедно целени и дека побогатите земји треба да издвојат повеќе пари, па битката се претвора меѓу Истокот и Западот.
Дебатата е уште потоксична и зашто Комисијата предложи фондовите за кохезија во иднина да бидат условени со тоа дали членките го почитуваат владеењето на правото. Тоа е неприфатливо за владите на Унгарија и на Полска, кои веќе водат битка со Брисел за судските реформи и за други прашања.
Потоа тука се Франција и Германија, а главната грижа на Германците во моментот е да не изгласаат полошо од Французите, оценува лондонски „Обсервер“. Во Париз, како што тврди еден ЕУ-дипломат, владата се грижи само колку пари ќе им обезбеди на своите земјоделци. Друг посочува дека засега е невозможно да се определи како ќе завршат преговорите поради поделбите во националните дебати.
Во пресрет на самитот, претседателот на Европскиот совет и бивш премиер на Белгија, Шарл Мишел, водеше силна дипломатска офанзива во европските метрополи. Мишел изнесе алтернативен предлог, буџетот да биде 1,074 отсто од бруто-националниот приход на ЕУ, односно 1.094 милијарди евра, во обид да се намали разликата помеѓу завојуваните табори.
– Во овие преговори не очекуваме да бидат задоволни сите земји-членки, но клучен е степенот на незадоволство – изјави еден европски дипломат.
Друг дипломат, пак, од таборот на штедливците вели дека оваа група нема намера да издвојува повеќе средства за ЕУ.
– Нема многу што да додадеме, освен дека нема да платиме – нагласува тој.