Белорускиот претседател Александар Лукашенко е одговорен за еден од најдрските потези направени во Европа по Студената војна, откако Роман Протасевич и неговата девојка Софија Сапега станаa плен во принудното слетување на летот 4978 на „Рајанер“ во неделата, пишува „Шпигел“.
– Главен приоритет на Лукашенко е казнување на неговите противници. А пресретнувањето на авионот се совпаѓа со таквата логика – вели политичкиот аналитичар Артјом Шрајбман, додавајќи дека Лукашенко одамна престанал да се грижи дали со своите постапки ја загрозува сопствената репутација.
Истакнатите активисти на белоруската опозиција кои најдоа засолниште во литвански Вилнус сега бараат полициска заштита, поради загриженост од прогон од страна на белоруските власти. Се смета дека Протасевич и Сапега станаа жртви на широката кампања за одмазда од страна на белоруските власти.
– Режимот се радикализира себеси, исто како што претходно го радикализира Протасевич. Тој доаѓа од семејство од Минск кое долго беше на страната на режимот. Неговиот татко има воена кариера, а неговата мајка е предавач на воената академија. Роман Протасевич посетуваше елитно училиште во Минск, учествуваше на натпревари по физика и освои претседателска стипендија. Тој првпат беше уапсен на протестите во 2011 година, за потоа да стане политички активен, по што беше избркан од училиштето, како и од универзитетските студии по новинарство. Протасевич избега од Белорусија во 2019 година, а за негов најголем прекршок се сметаше вклученоста во опозицискиот канал „Некста“ на социјалната мрежа Телеграм, кој стана движечка сила на протестите минатата година – пишува „Шпигел“.
Со целење кон авиосообраќајот помеѓу два главни града на земји-членки на ЕУ, Грција и Литванија, Лукашенко дополнително ја изолира неговата држава. Брисел разгледува можност за дополнителни санкции врз белоруската економија кои се очекува да го погодат владеењето на Лукашенко посилно од рестрикциите во воздушниот простор со кои сега се соочува Белорусија.