Обединетите нации деновиве се центар на светот. На годинашниот собир, светските лидери испраќаат насоки и визии за проблемите и за предизвиците од глобално значење. На првиот ден од самитот пораки испратија претседателите на САД, Џо Бајден, и на Кина, Си Џипинг, и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Поради важноста на искажаното од говорницата на ООН, „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе ги следи и ќе ги анализира клучните поенти од пораките на лидерите

Борбата против пандемијата, но и климатските промени, сиромаштијата, ривалството меѓу големите сили, како и недостигот од визии и политики за чиста и зелена енергија се главни проблеми и предизвици што го мачат светот. Ова е дел од сублиматот на пораките од првичните изјави на светските лидери изнесени во нивните обраќања на годинашното Генерално собрание на Организацијата на Обединетите нации што се одржува во Њујорк.
Кројачите на глобалната политика се согласија дека е потребна посилна соработка, особено во случајот на светските проблеми, како што е пандемијата на коронавирусот, која речиси две години ги нагризува светската економија, здравството, но и безбедноста во државите.
Токму тоа беше и посочено во првичните пораки при обраќањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на отварањето на Генералното собрание на светската организација, при што предупреди дека покрај корона-кризата, односите меѓу САД и Кина може да придонесат кон ново влошување на глобалната ситуација, која, според него, веќе е на работ на бездната.
– Се соочуваме со најголемата криза во нашите животи. Се плашам дека нашиот свет се движи кон два различни типа економски, комерцијални, финансиски и технолошки регулативи, кон два различни пристапа во развојот на вештачката интелигенција и, конечно кон две различни воени и геополитички стратегии – рече Гутереш. Тој исто така предупреди за огромните нееднаквости во пристапот до вакцини во развиените земји, додека многу држави во развој очајно сакаат имунизација за побрзо надминување на пандемијата, но не можат да дојдат до посакуваните вакцини.

Америка врти нов лист во дипломатијата, војните се минато

Во првото обраќање на Џо Бајден во ООН откако тој стапи на функцијата претседател на САД, интересно е што во неговиот говор пред присутните тој истакна дека Вашингтон врти нов лист во надворешната политика.
Имено, Бајден кажа дека Америка го заврши 20-годишниот конфликт во Авганистан и дека ерата на немилосрдни војни е минато, па сега САД, според зборовите на Бајден, отвораат ново поглавје во кроењето на политиките, каде што земјата ќе биде насочена единствено кон немилосрдна дипломатија.
– Завршивме дваесетгодишен конфликт во Авганистан и ерата на војните, сега отвораме ново поглавје, кое ќе биде насочено кон немилосрдна дипломатија – истакна Бајден. Соочен со критики за повлекувањето од Авганистан, Бајден вети дека ќе ги брани националните интереси на САД, но исто така рече дека „мисијата мора да биде јасна и остварлива“ и дека американската војска „не смее да се користи како одговор на секој проблем што го гледаме во светот“. Претходно американскиот претседател оствари средба и со британскиот премиер Борис Џонсон, а на состанокот во Белата куќа, како што пренесуваат светските новински агенции, двајцата лидери се согласиле дека пристапот на двете земји кон Русија и Кина ќе продолжи да се базира на заедничките интереси на Лондон и на Вашингтон.

Пекинг нема да напаѓа, но ќе ги брани своите интереси

Во меѓувреме, зборувајќи пред Генералното собрание на ООН, кинескиот претседател Си Џипинг, неколку часа откако неговиот американски колега Бајден изјави дека САД никогаш немаат намера да започнат нова студена војна, истакна дека Пекинг никогаш, ни под кои било услови нема да ја нападне која било земја во светот. Дополнително, кинескиот лидер во својот говор додаде дека Пекинг останува на позициите што и досега ги имаше во однос на глобалната политика, но и кон Тајван и случувањата во Јужно Кинеско Море.
– Мораме да одбереме дијалог и инклузивност пред конфронтација и исклучивост – нагласи кинескиот лидер.
Интересна е и првичната анализа и забелешка на светските медиуми за првите говори на лидерите во ООН, во која тие пишуваат дека светските моќници малку посветиле внимание на темите околу борбата со теророт, активните воени конфликти во светот и сегашните безбедносни предизвици.
Паралелно на сето ова, талибанците во текот на изминатиот ден побараа да им се обратат на светските лидери пред ООН. Како што јави „Ројтерс“, талибанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутак писмено побарал од генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, нивниот претставник да се појави во Њујорк. Сепак, портпаролот на Гутереш, Фахран Хак, потврди дека засега тоа е невозможно, но за оваа тема ќе се разговара на некој од идните состаноци во Њујорк.


Пендаровски: Иднината на Балканот е во Европа

Шефот на државата, Стево Пендаровски, во наредните денови ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според најавите, се очекува Пендаровски веќе денеска да се обрати пред учесниците на 76-та сесија на Собранието на ООН. Темата на неговото обраќање, како што информира неговиот кабинет, ќе биде „Градењето отпорност преку надеж – закрепнување од ковид-19, одржливо обновување како одговор на потребите на планетата и почитување на правата на луѓето“.
Вчера претседателот Пендаровски на Фејсбук кратко објави дека остварил средба со поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли каде порача дека ЕУ треба да ја држи вратата отворена. Во рамките на учеството на Генералното собрание на ООН, предвидено е и Пендаровски да оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади учесници на состанокот во Њујорк.

Продолжува