Во Британија претстојнава седмица ќе биде клучна за иднината на брегзит, бидејќи парламентот во Лондон треба да гласа за серија текстови за излегувањето на земјата од Европската Унија. Британскиот парламент утре треба да гласа за договорот за брегзит што Лондон и Брисел го постигнаа кон крајот на ноември во 2018 година. Досега парламентот неколкупати го одби договорот, што го постигна британската премиерка Тереза Меј, пренесува АП.
Доколку парламентот утре повторно го одбие договорот, премиерката Меј в среда ќе ги замоли пратениците да се изјаснат дали сакаат земјата да излезе од Унијата без договор. Ако пратениците го одбијат и тој предлог, тогаш в четврток ќе се гласа за евентуално одложување на датумот на брегзит, кој е предвиден за 29 март.
Експертите, според АП, сметаат дека одложувањето на брегзит до јули не би претставувало проблем, бидејќи на тој датум треба да биде одржана конститутивна седница на Европскиот парламент по изборите закажани за 26 мај. Доколку Британците сакаат тој период да биде продолжен по 2 јули, тогаш Британија би имала обврска да организира избори за Европарламентот, во кој има 73 пратеници. Оваа обврска би важела до официјалниот датум за брегзит.