Француската полиција денеска изврши претрес во просториите на левичарската партија Непокорна Франција (ФИ), во рамки на истрагата за корупација против неа, јави ДПА.
Француското обвинителство води две истраги против ФИ во врска со ангажирањето соработници во Европскиот парламент и за прекршување на законските правила за финансирање на изборните кампањи.
Лидерот на ФИ, Жан-Лик Маланшон акцијата на полицијата ја оцени како недемократска, чија цел е заплашување на поддржувачите на партијата.
– Ќе видите дека утре ќе најдат некакво оправдување или некаква причина да не втераат во затвор. Тоа е нивната тактика, изјави Меланшон во видео порака објавена на неговиот профил на Фејсбук.
Меланшон тврди дека полицајците не ги претресувале само просториите на партијата, туку дека извршиле претреси и на неговиот стан и на домовите на неговите соработници, како и дека им одзеле мобилни телефони и хард дискови.
Опозициската Непокорна Франција на ланските парламентарани избори во Франција освои 11,03 отсто од гласовите и 17 места во француското Собрание.