Кубанскиот дисидент Гилјермо Фарињас (59) кој помина долги периоди во затвор каде што штрајкуваше со глад, кажа дека не може да им поверува на сопствените очи, откако полициската станица во која беше накратко задржан за време на тековните протести, се исполни со демонстранти, од кои голем дел беа тинејџери, пишува „Њујорк тајмс“.
– Му кажав на полицаецот кој ме уапси, вие ќе морате да се смените. Ова е народот, и не само народот, туку и младината. Погледнете ги, тие решија дека сакаат промени тука, а не само да ја напуштат државата – вели Фарињас.
„Амнести интернешнл“ соопшти дека има список од 150 лица кои биле притворени во демонстрациите, а друга група за човекови права движењето „Сан Исидро“ наведе дека во протесттите биле притворени или исчезнале 171 лице. Кубанската влада соопшти дека едно лице е убиено за време на вчерашните немири во Хавана. Забележано е силно присуство на кубанските безбедносни сили на улиците во текот на изминатите два дена.
Многумина сметаат дека ова се најголемите протести во островската држава уште од кубанската револуција, и оти кубанската власт е принудена да го признае постоењето на тешката економска криза поради, која илјадници незадоволни граѓани излегоа на улиците во бранот на протести што изби изминатиот викенд.
– Искрата е запалена, нема враќање назад. Луѓето почувствуваа како е да се извикува „слобода“ на улиците на Куба – кажа кубанската новинарка Јоани Санчез.
Демонстрантите имаат поддршка и од кубанските иселеници во САД, со што локалните компании на Флорида веќе разговааа за можностите за проширување на пристапот до интернет на островот, кој се покажа како клучен за организирање на протестите. Кубанските власти веќе го блокираа пристапот до социјалните мрежи во државата.
Претседателот Мигел Дијаз-Канел ги повика владините поддржувачи да ја вратат контролата на улиците.
– Ние нема да го предадеме нашиот суверенитет, самостојноста на народот, ниту слободата на оваа нација. Има многумина меѓу нас револуционерите, кои се подготвени да ги ризикуваат животите – кажа завчера Дијаз-Канел.
Дел од светските лидери, вклучувајќи го американскиот претседател Џо Бајден, ги поддржаа демонстрантите и го осудија нивното притворање.