Ирачката проиранска милиција Катаиб Хезболах вчера вети дека нема да ја нападне американската амбасада во Багдад на првата годишнина од атентатот врз иранскиот воен командант Касим Солејмани, пренесува „Анадолија“.
– Ние ниту ќе влеземе во амбасадата на злото, ниту ќе ја собориме оваа влада… има уште време – рече генералниот секретар на групата, Абу Хусеин Ал-Хамидави, во изјавата.
„Нашето оружје е поконтролирано и организирано од најпрестижните армии и воени институции низ историјата. Тоа е најлегитимното и најрационалното оружје и ќе остане во наши раце и нема да дозволиме никој да се меша во ова оружје“, рече тој.
Десетици илјади Ирачани се собраа во Багдад за да ја одбележат првата годишнина од убиството на Солејмани, извикувајќи антиамерикански пароли и барајќи американски трупи да бидат протерани од земјата.
Ирачките безбедносни сили го зајакнаа своето присуство во близина на сите странски амбасади, како и безбедносните и воените места во Багдад, во очекување на каква било ескалација.
На 3 јануари 2020 година Солејмани заедно со лидерот на Народните сили за мобилизација (ПМФ), Абу Махди Ал-Мухандис, беа убиени во напад на американско беспилотно летало пред меѓународниот аеродром во Багдад.