Иран ќе ги испрати во Украина црните кутии од патничкиот авион што месецов беше соборен по грешка од иранска ракета. Иранските власти се подготвени да им дозволат на експерти од Франција, Канада и од САД да ги анализираат податоците од црните кутии, пренесе иранската новинска агенција Тасним“.
– Со помош на експерти од Франција, Канада и од САД, ќе се обидеме да ги исчитаме податоците за летот за Киев. Ако напорите бидат неуспешни, црните кутии ќе ги испратиме во Франција – изјави за „Тасним“, Хасан Резаифар, шеф на истрагата за несреќата во рамките на иранската организација за цивилно воздухопловство.
Тој додаде дека во Иран воопшто нема да се анализираат податоците од црните кутии.
Сите 176 патници и членови на екипажот загинаа во несреќата на украинскиот авион на 8 јануари, кратко време по полетувањето од Техеран кон Киев. Во авионската несреќа загинаа и 57 канадски државјани. Канадскиот премиер Џастин Трудо побара темелна истрага и на прес-конференција во петокот порача дека Иран треба да ги испрати црните кутии за анализа во Франција. Франција е една од ретките држави што можат да ги анализираат податоците од летот и од кабината на паднатиот авион, за кои Трудо соопшти дека се тешко оштетени.
Иран е под притисок бидејќи на иранската војска ѝ беа потребни неколку дена да го признае ненамерното уништување на авионот. Авионот беше соборен во услови кога Иран беше во високо ниво на воена подготвеност, очекувајќи одмазда од САД за ракетните напади врз американските воени бази во Ирак. Нападите што Иран ги изврши врз базите беа одмазда за американскиот атентат врз иранскиот командант Касем Сулејмани, кој на 3 јануари беше убиен од дрон во близината на Багдад.