„Амнести интернешнел“ во средата ги обвини иранските безбедносни сили за примена на тортура за извлекување признанија, тврдејќи дека стотици луѓе биле затворени во огромната акција против протестите минатата година.
Демонстрациите низ Иран избувнаа во ноември 2019 година по големиот пораст на цената на бензинот, но беа задушени од безбедносните сили со масовни апсења во услови на речиси целосен прекин на интернет.
„Амнести“ соопшти дека собрала десетици сведоштва од 7.000 лица за кои проценува дека се уапсени, а меѓу нив имало и деца на возраст од 10 години.
– Сведиштвата откриваат серија шокантни повреди на човековите права, меѓу кои произволно притворање, принудно исчезнување, тортура и други злоупотреби – велат од лондонската група за човекови права.
Се наведува и дека уапсените биле измачувани да признаат вмешаност во протестите, членување во опозициски групи или контакт со странски влади и медиуми.
Тортурата и другите злоупотреби од страна на полицијата, разузнавачките оперативци и други биле масовно распространети. „Амнести“ запишала имиња на повеќе од 500 лица изложени на нефер кривична постапка во врска со протестите.
– Оттогаш, стотици луѓе е осудени на затворски казни и камшикување, а неколкумина на смртна казна на крајно нефер судења предводени од пристрасни судии зад затворени врати. Затворските казни се движат од еден месец до 10 години – велат од „Амнести“.
Техниките за тортура вклучуваат измачување со вода, тепање, електрошокови, прскање на гениталиите со пепер спреј, сексуално насилство, лажни егзекуции и корнење на ноктите, посочуваат од „Амнести“.
– Се чинеше дека целото тело ми е прободено со милиони игли – сведочел еден човек. наводно измачуван со електрошокови, за „Амнести“.
Друг човек сведочел дека висел заврзан за рацете и нозете на столб – метод што неговите измачувачи наводно го нарекле „пилешки ражен“.
Во мај, иранскиот министер за внатрешни работи посочи дека најмалку 225 лица биле убиени за време на протестите во ноември, кога биле запалени бензински пумпи, нападнати полициски станици и ограбени продавници.
Група независни експерти за права на ОН во декември, врз основа на непотврдени извештаи, изјавија дека можено е во акцијата да биле убиени повеќе од 400 лица. Иран ги обвини за насилствата на протестите „насилниците“ поддржани од неговите непријатели САД, Израел и Саудиска Арабија.