Илјадници луѓе, вклучувајќи и ученици од основните училишта се придружија на денешниот протест во Рим против климатските промени, инспириран од екоактивистката, шведската тинејџерка Грета Тунберг.
Протестите „Петоци за иднината“, кои ги почна Тунберг, предвидуваат изостанување од настава во петок со цел да се излезе на улиците и да се изврши притисок врз политичарите за да направат нешто повеќе во борбата против климатските промени.
Организаторот соопшти дека на протестот присуствувале над 25.000 лица.
Грета пристигна во Рим завчера, и за време на нејзиниот престој имаше куса средба со папата Франциско и се обрати пред италијанскиот Сенат.
На денешниот протест, Грета и останатите говорници на сцената користеа енергија која не загадува, произведена од десетина волонтери кои ги вртеа педалите на велосипеди, прикачени на динама.