Илјадници Кубанци излегоа на улиците низ целата земја во неделата и побараа оставка од претседателот Мигел Дијаз-Канел, извикувајќи „слобода“.
Протестите избувнаа заради најтешката економска криза од распадот на Советскиот Сојуз, но исто така и поради рекордниот број на заболени со коронавирус, а луѓето го креваат својот глас и поради недостиг на храна, кршење на граѓанските слободи и начинот на кој владата се бори против пандемијата, пренесува „Ројтерс“.
На улиците се видоа џипови на специјални единици, кои носеа митралези на грб, а присуството на полицијата беше големо дури и откако демонстрантите заминаа дома. Во телевизиски говор, Дијаз-Канел, водачот на Кубанската комунистичка партија, за немирите ги обвини САД, што го интензивирале повеќедецениското трговско ембарго во претходните години.
Тој смета дека многу демонстранти биле искрени, но биле изманипулирани од САД, кои според него, ја организирале кампањата на социјалните мрежи, со помош на платеници. Претседателот на Куба предупреди дека нема да се толерираат нови провокации.
За време на демонстрациите, полицијата употреби солзавец. Во еден дел од Хавана, демонстрантите со камења демолираа полициски автомобил. Очевидци за „Ројтерс“ изјавиле дека виделе како безбедносните сили, потпомогнати од цивилната полиција, уапсиле околу 20 демонстранти.