Израел во моментот држи во притвор дури 26 палестински новинари поради објавување вести на социјалните мрежи. Во изјавата Канцеларијата за медиуми на владата управувана од Хамас во Газа соопшти дека Израел практикува најжестоки напади врз палестински новинари и медиумски професионалци, пренесува „Њу Араб“.
– Новинарите биле малтретирани, измачувани и парично казнети – се вели во соопштението.
Вчера, израелските сили го уапсија новинарот Ала ал-Римави од градот Рамала во централниот Западен Брег по извршената рација во неговиот дом. Неговата сопруга подоцна рече дека Ал-Римави ѝ кажал оти почнал штрајк со глад од моментот на апсењето и ја повика организацијата за човекови права да интервенира и да го ослободи.
Ал-Римави работи како репортер за „Ал Џезира Мубашер“ и раководи со медиумска компанија. Тој исто така е истражувач во политичките и израелските работи, кој поминал повеќе од десет години во израелски затвори.
Владата на Хамас соопшти дека ја сметаат израелската Управа за затвори целосно одговорна за здравјето и безбедноста на сите затвореници, вклучително и притворените новинари, и ги повика сите страни што се занимаваат со медиумските слободи и човековите права да покажат солидарност со Палестинците и да преземат практични чекори за нивно ослободување.