Лојд Остин

Потребен ни е лидер кој е докажан и доследен на предизвиците со кои се справуваме во моментот

Автор: Џо Бајден, новоизбран претседател на САД

Атлантик

Кон крајот на август во 2010 година, отпатував за Ирак по петти пат како потпретседател. Додека бев таму, бев дел од церемонијата за смена на командата во американските сили во Ирак. Претседателот Барак Обама ми даде овластување да го надгледувам крајот на операцијата „Ирачка слобода“ и имавме задача да обезбедиме организирано повлекување на нашите сили и опрема од Ирак. Додека стоев во раскошната палата „Ал фао“ (Езерска палата), некогашниот дом на Садам Хусен, но тогаш дел од победничкиот табор, гледав како генерал Лојд Остин го презеде лидерството на националниот безбедносен приоритет во име на претседателот на САД.

Нешто повеќе од една година подоцна, во декември 2011 година, се вратив во палатата и му се приклучив на Остин на церемонијата во чест на американските и ирачките припадници додека нашите сили ја напуштаа државата.

Генералот Остин ја заврши целата работата. Тој одигра клучна улога во враќањето на 150.000 американски војници дома од воените боишта. Изведувањето на таков потфат не се должеше само на вештини и стратегија на еден искусен војник, туку беше потребно Остин да користи дипломатија, да гради врски со нашите ирачки колеги и со нашите партнери во регионот. Тој имаше функција на државник кој ја претставуваше нашата земја секогаш со чест и достоинство, а пред сè, се грижеше за своите. Денес барам од Лојд Остин да предводи уште една мисија за САД, но овој пат како назначен секретар на министерството за одбрана. Знам дека одлично ќе ја извршува функцијата.

Во неговата над 40-годишна служба во американската армија, Остин се соочи со секој предизвик со неверојатни вештини и длабоко лично достоинство. Тој е вистински и докажан војник и лидер. Со него поминав безброј часови на терен и во Собата за кризни состојби во Белата куќа. Се советував со него, следев како командува и му се восхитував на неговата смиреност и карактер. Тој е дефиниција за патриот. Се искачи во ранговите на војската во текот на неговата истакната кариера и подготвеност за иновативни решенија. Тој беше 200-от припадник кој се закитил со чинот на армиски генерал со четири ѕвезди, а само шестиот Афроамериканец. Неговата кариера ја изгради во служба на оваа земја и ги предизвика институциите кои ги сака за да станат поинклузивни и поразновидни во секој чекор.

Тој беше првиот афроамерикански генерален офицер кој водеше армиски корпус во борба и првиот Афроамериканец кој командуваше со цело боиште, а ако се потврди, ќе стане првиот Афроамериканец на чело на министерството за одбрана, што претставува уште едно достигнување во кариерата во која ги рушеше бариерите и во која тој беше посветен на безбедноста на американскиот народ.

Лојд Остин се пензионираше од воената служба пред повеќе од четири години. Законот вели дека едно воено лице мора да ја напушти службата најмалку седум години пред да стане секретар за одбрана. Но се надевам дека Конгресот ќе му даде „вајлд-карта“, како во случајот со секретарот Џим Матис. Со оглед на огромните и итни закани и предизвици со кои се соочува нашата земја, неговото назначување треба да биде брзо.

Фактот е што многуте предности на Остин и неговото познавање на министерството за одбрана и нашата влада посебно одговараат на предизвиците и кризите со кои се соочуваме. Токму тој е личноста која ни е потребна во моментов.

Следниот секретар за одбрана ќе треба веднаш да издаде извршни наредби во огромната логистичка операција за широка и еднаква дистрибуција на вакцините против ковид-19. Остин ја надгледуваше најголемата логистичка операција на армијата изведена во последните шест децении, а тоа е повлекувањето на војската од Ирак.

Следниот секретар за одбрана ќе треба да обезбеди благосостојба и флексибилност на нашите припадници и нивните семејства кои речиси две децении се растргнати на две страни. Остин ја знае големата цена на војната и спојот на гордост и болка што живее во срцата на семејствата што ја плаќаат.

Следниот секретар за одбрана ќе треба да се погрижи нашите вооружени сили да го одразат и промовираат целосниот диверзитет на нашата нација. Остин не само што ќе внесе лично искуство на функцијата, туку и на безброј успешни приказни за млади лица на кои им бил ментор. Доколку биде потврден на позицијата, ќе се погрижи со секој припадник на вооружените сили да се постапува со почит и достоинство, вклучувајќи ги припадниците од афроамериканската, латиноамериканската, азискоамериканската, домородноамериканската, женската и ЛГБТИК-заедницата.

Пред сè, го избрав Лојд Остин како кандидат за функцијата секретар за одбрана, затоа што знам како реагира под притисок и знам дека ќе стори сè во негова моќ за да го одбрани американскиот народ. Кога Исламската држава (ИСИС) се појави како терористичка закана во Ирак и во Сирија, со што беше загрозена на безбедноста на американскиот народ и неговите сојузници, со претседателот Обама му се обративме на Остин кој тогаш раководеше со централната команда на САД. Тој изготви и спроведе офанзива која на крајот резултираше со пораз на ИСИС и помогна во изградбата на коалициски партнери и сојузници од над 70 држави кои работеа заедно во поразот на заедничкиот непријател.

Ја почитувам и верувам во важноста на граѓанската контрола на нашата војска и во важноста на силната граѓанско-воена соработка во министерството за одбрана како и самиот Остин. Потребни ни се овластени граѓани кои ќе соработуваат со армиските лидери во креирањето на политиките на ова министерство и ќе се погрижат нашите одбранбени политики да покажат одговорност пред американскиот народ. Остин исто така знае дека секретарот за одбрана има поразлични одговорности од еден генерал и дека граѓанско-воената динамика во изминатите четири години беше под силен стрес. Тој неуморно ќе работи за ја врати на старите патеки.

Покрај тоа, нам ни се потребни лидери како Лојд Остин кои разбираат дека нашата војска е еден инструмент на нашата национална безбедност. Одржувањето на силата и безбедноста на Америка наложува да ги искористиме сите алатки. Со него имаме заедничка обврска да ги овластиме нашите дипломати и развојни експерти за да ја водат нашата надворешна политика и да употребат сила само како крајно решение.

Заканите со кои се соочуваме денес не се исти како оние пред 10 или пет години. Мораме да бидеме подготвени да одговориме на предизвиците на иднината, а не да ги водиме војните од минатото. Мораме да изградиме надворешна политика која ќе биде водена од дипломатијата и ќе ги обнови нашите сојузи, ќе го врати американското лидерство на масата и да го обедини светот да се соочи со светските закани по нашата безбедност од пандемијата до климатските промени и од нуклеарното ширење до бегалската криза.

Лојд Остин, како дел од нашиот разновиден лидерски тим во националната безбедност што ги одразува традициите на сите Американци, ќе биде суштински член од оваа работа. Го дели моето длабоко верување дека САД се најсилни кога водат не само со примерот на нашата моќ, туку со моќта на нашиот пример. Тој знае што се ризикува и знае колку работа претстои, но исто така знае дека под негово раководство, американското министерство за одбрана никогаш нема направи пропуст во унапредувањето на безбедноста на американскиот народ на начини кои ги почитуваат нашите највисоки вредности и идеали.

Превод: Билјана Здравковска