Повеќе онлајн активисти за заштита на приватноста во сајбер-просторот низ Европа најавија иницијатива за законско решение со кое се бара од владите да донесат регулатива со која ќе се укинат сајтовите и сомнителните социјални мрежи што поседуваат „колачиња за следење на посетителите“
Европските интернет-активистите за заштита на приватноста во сајбер-просторот се обидуваат да ги охрабрат корисниците, но и владите на ЕУ да се согласат да се донесе законско решение за укинување на сајтовите и сомнителните социјални мрежи што поседуваат „колачиња за следење на посетителите“. Оваа иницијатива стана актуелна деновиве во европската јавност откако групацијата за заштита на податоци „Ништо од твојот бизнис“, со седиште во Австрија, соопшти дека поднесува тужби против стотици веб-страници за нивно користење интернет-реклами кои ги земаат нелегално личните податоци на посетителите. Макс Шремс, претседател на здружението за заштита на податоците, вели дека неговата организација ги известила компаниите што користат ваков тип интернет-рекламирање дека ќе поднесе тужба против нив за еден месец доколку страниците не го поправат нивниот софтвер и дизајн што ја нарушува приватноста на посетителите.
– Сите во Европа мразат реклами со „колачиња“. Во исто време многу луѓе сметаат дека рекламите на сајтовите со ваков тип маркетинг се многу погрешно осмислени, со луди и измамнички дизајни – рече Шремс.
Во меѓувреме, регулирањето на дигиталните апликации е главен приоритет по пандемијата во Европа. Британски „Гардијан“ на оваа тема во своја анализа пишува дека на почетокот на пандемија бавно се одвиваа напорите за воведување апликации за следење на контактите на заразените лица.
Според магазинот, тоа беше резултат на претпазливоста на операторите што ги осмислуваа апликациите да не ги нарушат личните податоци, но и приватноста на корисниците на интернет. Сепак, според весникот, иако обидот да се стави под контрола коронавирусот не значи само пронаоѓање и следење на контактите, тоа донекаде предизвика и нарушување на приватноста на луѓето.
– Обично главните чувари на личните податоци се државата и социјалните медиуми. Иако се водеа долги битки низ годините за да се ограничи владиниот пристап до нив, сепак повеќето не очекуваа дека самите луѓе со огромна леснотија ќе ги споделуваат на интернет. Тоа донесе потреба од законско регулирање на интернет-просторот, што може да се споделува, а што не во насока за заштита на приватноста на корисниците – пишува „Гардијан“. Професорката од „Харвард“, Шошана Зубоф за ваквите случувања во интернет-сферата го воведе терминот „надзорен капитализам“, за да ги опише овој нов тренд и манипулацијата што произлезе од него.
– Во еден идеален свет, социјалните медиуми би биле совршена противтежа на централизираните држави, но со тоа што пандемијата се рашири насекаде, стана јасно дека државниот надзор работи во корист на државата, капиталистичкиот надзор во корист на капиталистите, додека граѓаните се тие што губат – оценува Зубоф.
Во меѓувреме повеќе земји во Европа по ваквите јавни иницијативи за заштита на податоците на корисниците на интернет во нивните земји за време на пандемијата најавија низа мерки и решенија со кои ќе се подобри приватноста на граѓаните.