Канцеларијата на претставникот на Европската Унија на Западниот Брег и Појасот Газа, во неделата изрази загриженост во врска со нападот што беше насочен кон резиденцијата на активист на Западниот Брег, повикувајќи ја Палестинската самоуправа (ПС) да ја почитува слободата на изразува, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Канцеларијата објави на Твитер дека „со загриженост го следи нападот врз куќата на активистот Низар Банат“, во градот Дура, јужно од Западниот Брег.
– Насилството врз политичарите и бранителите на човековите права е неприфатливо – додаваат од канцеларијата на ЕУ.
Мисијата ја повика палестинската самоуправа да обезбеди почитување на слободата на изразување и заштита на активистите за човекови права.
Банат преку видео на Фејсбук откри дека група вандали придружувани од безбедносните служби масовно пукале, ги кршеле вратите од куќата и фрлале шок-бомби. Тој обелодени дека јавниот обвинител го повикал еден час пред нападот, без да го прецизира точното време.
Банат, активист против палестинската самоуправа и кандидат на листата на „Слобода и достоинство“, се очекуваше да се натпреварува во изборната трка за Законодавниот совет (закажани за 22 мај), што минатиот петок беа откажани од палестинскиот претседател Махмуд Абас без да се одреди друг датум.
Неколку часа пред инцидентот Банат на својата страница на Фејсбук објави писмо упатено до претставниците на ЕУ во Палестина за да ја објави својата намера пред европските судови да побара прекин на финансиската поддршка за самоуправата по одлуката на Абас да ги одложи изборите.
Палестинската самоуправа не ги коментираше обвинувањата на Банат и изјавата на ЕУ.