Европската комисија објави два документа во кои ги прецизира плановите што треба да ја извлечат Европската унија од политичката криза во која се наоѓа поради предизвиците со миграцијата.
Еден од предлозите на ЕК е да им понуди на земјите членки на ЕУ по 6.000 евра за секој бегалец што би го примила, и со тоа да ги поттикне земјите да ги почитуваат своите меѓународни обврски.
Документите им се упатени на земјите членки кои од утре се состануваат на амбасадорско ниво во Брисел.
-ЕК во својот документ исто така ги објаснува разликите помеѓу “контролните центри“ и “излезните центри“ кои ги предлага за управување со миграциските текови – јави дописничката на МИА во Брисел.
Контролните центри би биле сместени во земјите членки на ЕУ, додека излезните центри би било во соработка со трети земји.
Целта на контролните центри е да овозможи брза анализа на случаите и да направи дистинкција помеѓу лицата кои имаат право на меѓународна заштита и оние кои се „нерегуларни мигранти“ и немаат право да останат на територија на ЕУ. Овие центри би биле мобилни, би можеле да се преместуваат од една локација до друга, зависно од желбите и потребите на земјите членки и на барање на земјите, и би биле финансиски поддржани од ЕУ. Контролните центри би овозможиле да се намалат секундарните движења, односно движењата на мигрантите од една ЕУ држава во друга откако ќе стапнат на европско тло, што е еден од најголемите проблеми за земјите членки, посебно Германија.
ЕУ целосно би ги покрила инфраструктурните и оперативните трошоци и нуди 6.000 евра по мигрант.
Излезните центри, пак, имаат за цел да обезбедат безбедни излезни точки од двете страни на Медитеранот за спасените лица. Целта на овие центри е да се намали растечкиот број на жртви во Медитеранот. Од овие излезни платформи, оние кои имаат право на меѓународна поддршка би биле пренесени онаму каде што можат да ја добијат таа заштита, додека другите би биле вратени во своите земји преку различни програми.