Европскиот парламент со големо мнозинство го одобри трговскиот договор помеѓу Велика Британија и Европската Унија за брегзит, отстранувајќи ја последната пречка за целосна ратификација на договорот.
Пратениците на ЕУ го поддржаа договорот за трговија и соработка со 660 гласа „за“, пет „против“ и 32 воздржани, објави „Ројтерс“.
Гласањето се одржа во вторникот, но поради ковид-мерките за ограничување на работното време, резултатот не беше веднаш познат.
Со одлуката на Европскиот парламент се завршуваат четиригодишните тешки преговори и полемики, како и долготрајната меѓусебна недоверба откако Велика Британија го заврши 47-годишното членство во ЕУ.
Утрово, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави одлуката на Европскиот парламент, истакнувајќи дека спроведувањето на трговскиот договор меѓу Велика Британија и ЕУ е од клучно значење.
„Договорот за трговија и соработка е основа за силно и блиско партнерство со Обединетото Кралство“, напиша Фон дер Лејен на Твитер и додаде дека „неговото доследно спроведување е од суштинско значење“, пренесе британската агенција.