Опасноста од коронавирусот ги принуди државите во Европа да воведуваат закони и строги регулативи со кои ќе им се ограничува правото на жителите да летуваат каде сакаат. Во тој контекст некои земји носат законски прописи со казни од неколку илјадници евра за прекршителите на одредбите што ќе заминат на одмор во ризичните региони во странство
Како нова предлог-мерка против ширењето на пандемијата
Стравот од коронавирусот ги принудува државите во Европа да воведуваат закони и строги регулативи со кои ќе им се ограничува правото на жителите да летуваат каде сакаат. Во тој контекст се и последните извештаи на европските медиуми што пристигнуваат од Обединетото Кралство, Чешка, Белгија, но и од други земји, во кои се информира дека во овие држави веќе се креираат специфични казнени закони и прописи за домашните граѓани што планираат во претстојната сезона да заминат на летување во подрачја ризични на ковид-19.
Имено, Англичаните што ќе патуваат на одмор во странство во ризичните региони ќе мора да платат казна дури и до 5.000 фунти. Ова меѓу другото се истакнува во предлог-законот во оваа земја, кој е во процедура на носење, со кој, според медиумите, власта се обидува да ги спречи патувањата што не се потребни, за да се заштити нацијата од заразување со ковид-19. Веста разочара милиони луѓе што се надеваат на летувања оваа година и предизвика пад на вредноста на акциите овој месец на туристичките компании, вклучувајќи ги и „Изи џет“, сопственикот на „Бритиш ерлајнс“, „Џет-ту“ и ТУИ.
Како што наведува „Би-би-си“, Велика Британија во моментов не дозволува какво било патување во странство, освен поради работа, образование или здравствени причини. Земјата има една од најтешките состојби на ковид-19 во светот, како и голем број смртни случаи и инфекции. Со патувањата на Англичаните ова лето во ризичните подрачја, според властите, во земјата би можело да се наруши успешноста на кампањата за вакцинација и да се одложи нормализирањето на економијата.
Здравјето поважно од економијата и од патувањата
Во меѓувреме интересна за забележување е информација на оваа тема за одлуката на властите до Чешка со која се забрануваат патувањата на чешките државјани во неколку африкански и јужноамерикански земји, каде што постои голем ризик од новите, позаразни мутации на коронавирусот. Чешкото министерство за здравство соопшти дека забраната за патувања во ризичните подрачја е во сила и важи до средината на идниот месец, со некои исклучоци, како и дека важи за земјите, како што се Боцвана, Бразил, Јужна Африка, Кенија, Малави, Танзанија и други. Паралелно со ова, во 27-те земји-членки на ЕУ веќе постојат правила за влез и излез, кога континентот се соочува со ново затворање во налет на третиот бран од коронавирусот. Од почетокот на годината, со заеднички договор, беше предложена нормализација на патничкиот сообраќај, а секоја земја си смисли сопствени правила. Така, на пример, Шведска и Грција засега немаат некои ограничувања за патниците од другите ЕУ-земји. Летонија бара еднонеделен карантин за патниците од Белгија. Белгија, пак, ја означи Летонија како земја со „портокалов степен на ризик“, се препорачува карантин, ама не е задолжителен. Од друга страна, забранет е влез во Белгија за патници од одредени региони од Португалија и од Шпанија. Листата на ограничувања за патувања е долга. Секоја земја следи свои правила и дефиниции. Некои држави сѐ уште бараат пополнување формулар за следење на контактите, други бараат онлајн најава пред патувањето и сл. А во поголемиот дел од земјите во ЕУ им се дозволува влез на патници доколку се достави негативен корона-тест од нивната матична земја.
Се очекуваат огромни загуби
Инаку, туризмот во ЕУ остварува 10 проценти од бруто-домашниот производ (БДП). Во некои земји, како Грција или Малта, уделот на туристичката индустрија во БДП изнесува дури до 20 или 25 проценти. Според податоците на Европската комисија, Шпанија од туризам годишно заработува околу 145 милијарди евра, германските хотели и туристички агенции околу 240 милијарди евра. На „изворниот пазар“ на Германија, од каде што доаѓаат најголем број туристи, штетата е дури и повисока отколку на класичните „целни пазари“, како Шпанија или Италија. Неодамна министер за надворешно работи на земја членка на ЕУ, по видеоконференцијата со колегите на оваа тема, најави дека кон отворањето на границите во рамките на ЕУ оваа пролет треба да се пристапи многу претпазливо, исто како и кон надворешните граници.
– Сите сме согласни дека приоритет е спречување на нови бранови инфекции – истакна министерот за надворешни работи на една земја-членка на Унијата.