Сметките на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални се замрзнати, а неговиот стан во Москва е одземен додека тој во болница во Берлин закрепнуваше од труењето, изјави денеска неговата портпаролка, Кира Јармиш.
– Ова значи дека станот не може да се продава, да се подари или да се стави под хипотека – објасни Јармиш на видеото на „Твитер“.
Таа додаде дека неговиот имот бил замрзнат на 27 август поради тужба од компанија што доставува храна до училиштата во Москва.
Во октомври минатата година рускиот суд нареди Навални и неговите соработници да ѝ платат 1,4 милион долари отштета на компанијата бидејќи, според судот, тие неоправдано го довеле во прашање квалитетот на храната.
На 44-годишниот критичар на владеењето на Владимир Путин претходно месецов му се слоши во авион над Сибир. Тој од Русија беше пренесен на лекување во Берлин, а германската влада извести дека тестовите спроведени во Германија, Франција и во Шведска покажале дека бил отруен од нервниот агенс „новичок“.
Членките на ЕУ ја повикаа Русија да го расветли случајот што тие го сметаат за обид за атентат, но Москва ги отфрла обвинувањата и вели дека нема индиции оти е сторено злосторство против Навални, кој оттогаш закрепна.