Еврокомисијата потврди дека спогодбата за повлекување ги опфаќа сите елементи на брегзит – правата на граѓаните, финансиското порамнување, периодот на транзицијата, управувањето, како и протоколите за Ирска, Гибралтар и за Кипар
Најмалку тројца министри во британската влада поднесоа оставка, откако премиерката Тереза Меј постигна нацрт-договор со Европската комисија за излегување на Британија од ЕУ. Меѓу незадоволните членови на кабинетот на Меј е и министерот за брегзит Доминик Раб, кој порача дека совеста не му дозволува да го поддржи договорот. Британија и ЕК во средата вечерта се договорија за условите на членот 50, кој се однесува на Спогодбата за брегзит, пренесуваат светските медиуми.
Иако премиерката Меј порача дека добила согласност од министрите за нацрт-договорот со ЕК, покрај Раб, оставка поднесоа и министерот за труд Естер Мекви и Шаилеш Вара, министерот за Северна Ирска. Вара истакна дека Меј не ги почитува резултатите од референдумот за брегзит, на кој мнозинството Британци го поддржаа излегувањето на земјата од ЕУ.
Претходно, ЕК соопшти дека со британската страна е постигната согласност за сите аспекти од брегзит.
– Сите аспекти на Договорот за повлекување сега се финализирани и договорени на ниво на преговарачи. ЕК му препорачува на Европскиот совет да констатира дека има одлучувачки напредок во преговорите за уредно повлекување на Британија од ЕУ, да овозможи завршување на преговорите за Спогодбата за повлекување и да се преземат наредни чекори во овој процес – се наведува во соопштението од Брисел.
Еврокомисијата потврди дека спогодбата за повлекување ги опфаќа сите елементи на брегзит – правата на граѓаните, финансиското порамнување, периодот на транзицијата, управувањето, како и протоколите за Ирска, Гибралтар и за Кипар. Во седиштето на ЕК во Брисел истакнуваат дека преговарачите исто така се договориле и за рамката на политичката декларација за идните односи помеѓу ЕУ и Британија.
Во меѓувреме, со реакција се јави и шкотската премиерка Никола Старџен, која порача дека нацрт-договорот е катастрофален за Шкотска, бидејќи со него се фаворизира Северна Ирска.
– Тоа ќе биде катастрофално за инвестициите и за вработувањето во Шкотска. Тоа би било најлошото можно сценарио – додаде Старџен.
На референдумот за брегзит, мнозинството Шкоти го поддржаа останувањето на земјата во ЕУ. Референдумот беше одржан две години по шкотскиот референдум за независност, на кој, пак, 55 отсто од гласачите се изјаснија против отцепувањето од Британија.