Венецуелското Национално собрание ќе продолжи да функционира под какви било околности, рече лидерот на опозицијата, Хуан Гуаидо, пренесува „ТАСС“. Венецуелскиот парламент го контролираат политичките противници на претседателот Николас Мадуро.
– Ако е потребно, ќе ги искористиме механизмите за итни случаи за да продолжиме да работиме во парламентот и да ги исполниме нашите одговорности по секоја цена – изјави Гваидо за „Ел национал“.
Гваидо додаде дека венецуелските власти се претпазливи во врска со меѓународната реакција на евентуалното распуштање на парламентот и претпочитаат да се воздржат од таков чекор, а наместо тоа, да им го одземат имунитетот на опозициските пратеници.
Во понеделникот Уставното собрание на Венецуела им одзеде имунитетот на четворица пратеници на барање на Врховниот суд. Хозе Герара, Рафаел Гузман, Томас Гуанипа и Хуан Пабло Гарсија Каналес се обвинети за предавство, узурпирање на овластувањата, јавни повици за немири, кршење на законите и за насилство.
Уставното собрание го основа Мадуро во јули 2017 година без претходен референдум. Во Уставното собрание нема претставници на опозицијата, а повеќето земји од Латинска Америка не го признаваат за легитимно.