Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гваидо разгледува странска воена интервенција како крајна мерка за соборување на Владата на претседателот Николас Мадуро, пренесува ТАСС.
– Не отфрлувам воена интервенција затоа што сосема е јасно каков е режимот на Мадуро. Но тоа е крајна мерка. Важно е прво да се обидеме да олесниме мирна транзиција – изјави Гваидо за бразилскиот весник „Фола де Сао Пауло“.
Во судирите меѓу опозицијата и полицијата кои траат од вторникот, според податоци на невладини организации, досега загинале четири лица, а околу 300 се повредени.
На 23 јануари годинава Гваидо се прогласи себеси за привремен претседател што легитимниот венецуелски претседател Николас Мадуро го опиша како обид за државен удар и најави прекин на дипломатските односи со САД.
Гваидо беше признат како привремен претседател одземјите од групата Лима (освен Мексико), како и од Албанија, Грузија, САД и Организацијата на американските држави. Неколку земји од ЕУ излегоа со поддршка за парламентот на Венецуела и изразија надеж за нови избори за решавање на кризата.
Мадуро беше поддржан од Русија, Боливија, Иран, Куба, Никарагва, Ел Салвадор и Турција. Белорусија и Кина повикаа на решавање на сите прашања со мирни средства и зборуваа против какво било мешање од надвор. Генералниот секретар на ОН повика на дијалог за решавање на кризата.