Властите велат дека бројот на случаи во земјата се зголемил поради лажни позитивни резултати од неисправни тестови за корона
СМЕШНАТА СТРАНА НА КОРОНА-КРИЗАТА
Претседателот на Танзанија, Џон Магуфули, ги прогласи за неисправни корона-тестовите во земјата, бидејќи регистрирале позитивни резултати кај примероци земени од коза, овца и папаја.
Магуфули, кој ги повика граѓаните со молитви да го истераат коронавирусот и чија влада веќе е критикувана дека не објавува доволно податоци за ситуацијата со ковид-19 во земјата, рече дека тестовите за корона биле технички неисправни. Тој посочи дека тестовите за ковид-19 биле увезени од странство, но не откри дополнителни детали. Магуфули нагласи оти им дал наредба на танзаниските безбедносни сили да го проверат квалитетот на тестовите за корона.
Тие по случаен избор зеле повеќе нечовечки примероци, меѓу кои и од коза, овца и папаја, но им биле доделени човечки имиња и возрасти. Овие примероци потоа биле доставени до лабораторија во Танзанија, за да се тестираат од присуство на коронавирус, при што лабораториските техничари намерно не биле известени за нивното потекло. Претседателот посочи дека примероците имале позитивен резултат при тестирањето од ковид-19 и тоа, според него, значи дека веројатно некои луѓе добиле позитивни тестови иако не биле заразени со коронавирусот.
– Нешто се случува. Реков и претходно дека не треба секоја помош да ја прифатиме како добра за оваа нација – нагласи Магуфули, додавајќи дека тестовите за корона ќе бидат испитани.
Танзанија има регистрирано околу 500 случаи на ковид-19 и околу 20 жртви, но за разлика од повеќето други африкански земји, властите во Танзанија со денови не објавуваат податоци за ситуацијата во земјата, а сега ги обвинуваат неисправните тестови за порастот на позитивни случаи во изминатите денови.
Магуфули најави дека ќе испрати авион до Мадагаскар за да го донесе лекот што го промовирал тамошниот претседател. Хербалната мешавина сè уште не поминала меѓународно признаени научни тестирања, посочува Ројтерс.
– Комуницирам со Мадагаскар. Тие добија лек и ние ќе испратиме авион таму и ќе го донесеме лекот во земјата за да можат Танзанијците да имаат корист од него – порача претседателот.
Бројот на инфекции и жртви од ковид-19 во Африка е релативно низок во споредба со САД, Европа и Азија. Но, истовремено, Африка има екстремно ниски нивоа на тестирање, со стапки од само околу 500 тестирања на милион луѓе.