Според Амнести интернешнел, само во јуни и јули околу 720 лица ги загубија животите во Медитеранот. Во последните четири година, оваа бројка изнесува 15.000, вклучувајќи деца и бремени жени
Бродот „Аквариус“, кој во петокот спаси мигранти во Медитеранот, повторно бара сигурно пристаниште во Европа, каде што ќе може да ги однесе 141-то лице што ги превезува. Хуманитарниот брод „Аквариус“, кој стана симбол за миграциската криза откако во јуни му беше одбиено да се закотви во Италија и во Малта за да ги истовари спасените мигранти, повторно тргна во мисија за спасување и бара сигурно пристаниште.
Бродот бара од европските држави итно да укажат на најблиското сигурно место, како што предвидува меѓународното поморско право. Бродот е дел од заедничката операција на „Лекари без граници“ и „СОС Медитеран“, но засега не добил сигнал од ниту една држава.
Во јуни, бродот, кој пренесуваше 630 бегалци и мигранти, помина девет дена во Медитеранот без ниту една држава да го прими, иако Италија и Малта беа најблиските сигурни пристаништа. Новата италијанска десничарска влада се противи на секаков нов прием на мигранти и одлучи да ги затвори морските маршрути.
„Аквариус“ конечно беше примен во Шпанија, каде што левичарската влада на премиерот Педро Санчез има многу поотворен пристап кон миграциските прашања, но шпанското пристаниште не беше најблиско. Бродот стана симбол и за поларизираноста на миграциската дебата и поделбата на земјите-членки по ова прашање.
„СОС Медитеран“ и „Лекари без граници“ предупредија и дека нема да ги вратат мигрантите во Либија, земја што не се смета за сигурна.
– Уште еднаш ги повикуваме сите европски држави и морските надлежни власти да ја препознаат сериозноста на хуманитарната криза во Медитеранот, да обезбедат брз пристап до сигурни места каде да се однесат спасените и да ја олеснат, наместо да ја отежнуваат, хуманитарната помош во централен Медитеран – повикаа двете хуманитарни организации.
Според Амнести интернешнел, само во јуни и јули околу 720 лица ги загубија животите во Медитеранот. Во последните четири година оваа бројка изнесува 15.000, вклучувајќи деца и бремени жени.