Богати и славни личности во САД, вклучувајќи актери, адвокати, бизнисмени и лекари, давале поткуп и правеле махинации со сомнителни агенции за упис на нивните деца на прстижни факултети, како што се Корнел, Јејл и МИТ.
Според истрагата на Федералното биро за истраги (ФБИ), објавена синоќа во Бостон, Масачусетс, Окружниот суд обвини вкупно 50 лица. Осумнаесет од нив се поединци кои ги организирале измамничките шеми и учествувале во нив.
Од ФБИ тврдат дека децата за ова не знаеле, а родителите свесно плаќале огромни суми од неколку стотици илјади до 1,5 милиони долари за прием во престижен колеџ.
Шемата траела од 2011 година и ја организирале агенцијата „Еџ колеџ енд карир нетворк“ на Вилијам Сингер и топ менаџерите на „Вилки Фар енд Галагер“ една од водечките правни фирми во САД во сопственост на Гордон Каплан.
Агенцијата и фирмата отвориле два центра за тестирање, во Хјустон (Тексас) и во Западен Холивуд (Калифорнија). Вработените во овие центри биле клучни во извршувањето на криминалното дело.
Обично, тестирањето за упис на колеџ во САД се одвива во средните училишта во групи на одредени датуми, а самото тестирање е контролирано од комисија. Но ако студентот има специјални потреби, како физичка хендикепираност или тешкотии со обуката, тогаш наместо еден тој добива два дена за тестирање. Притоа, тестот се извршува поединечно, не во група, во образовна институција по избор, а процесот на испитување е контролиран од само еден набљудувач.
Родителите ги одбирале овие „центри за тестирање“ каде средношколците ги „давале“ испитите кои тие секако ги поминувале со високи поени бидејќи агенцијата имала раширена мрежа на соработници кои помагале во дознавањето на испитните прашања и решавањето на тестот или наместо учениците, испитите ги давале трети лица.
Во други случаи агенцијата на Сингер прикажувала лажни спортски успеси на средношколци за да бидат примени со стипендија. Високото образование во САД се плаќа и сите колеџи и универзитети имаат квоти за упис на студенти со високи спортски достигнувања, кои треба да го претставуваат универзитетот на национални натпревари. За овие студенти важат други уписни правила – на тестирањето тие не мораат да добијат максимални поени, за разлика од останатите кандидати за упис.
Ова е можеби најголемиот случај во историјата на САД каде со мито и корупција се изигрува високообразовниот систем на земјата. Во истрагата участвувале околу 200 вработени на ФБИ, а обвинети се 50 луѓе од шест сојузни држави.
Судот не ги сомничи самите студенти, имајќи предвид дека многумина од нив не знаеле што се случува.