Тврдењата дека доминацијата на Камора во Неапол е нарушена од страна на т.н. „бебешки банди“ се преувеличени, бидејќи мафијашкиот клан и натаму е присутен во сите аспекти на секојдневниот живот во градот, пишува „Локал Италија“.
Во италијанската јавност се создаде мислење дека Камора се тргна настрана поради подемот на криминалните групи сочинети од адолесценти, познати како „бебешки банди“. Станува збор за нова генерација на криминалци кои не се двоумат да пукаат, а носат и ножеви, и немаат систем на вредности ниту правила, за разлика од Камора.
Но, постои мислење дека станува збор за приказна инспирирана од медиумите, односно од зачестените случаи на насилство меѓу помладата популација, во комбинација со книгите, филмовите и документарците посветени на овој феномен.
Повнимателниот поглед на состојбата покажува дека падот на Камора не е вистинит. Напротив, мафијашкиот клан продолжува со вообичаениот начин на работа и со контролирање на територијата. Бизнисот на мафијашите се заснова на трговијата со друга, изнудата, перењето пари, како и нелегално склучените договори за јавни услуги во градските служби. Во прилог на ваквите тврдења оди и минатонеделното апсење на 126 членови на Камора, за која се верува дека ги контролира криминалните активности во Неапол од 90-те години на минатиот век. Во полициските акции помеѓу 2011 и 2016 година, запленет е имот на гангстерите во вредност од 130 милиони евра.
Камора останува присутна во секојдневниот живот на Неапол и нема назнака дека ваквата состојба наскоро ќе се смени, се заклучува во анализата на „Локал Италија“.