Најголемиот удар врз имиџот на рускиот претседател Владимир Путин не беше коментарот на неговиот американски колега Џо Бајден во кој беше наречен „убиец“, туку забелешката на рускиот опозиционер Алексеј Навални, во која го опиша како „дедо во својот бункер“, пишува „Вашингтон пост“.
– Отсечен од јавноста опкружен од безбедносните сили, Путин главно го поминуваше времето заштитен од страна на специјална комора за дезинфикација, предвидена оние што сакаат да го посетат. Набргу по коментарот на Навални, 68-годишниот Путин беше претставен како динамичен лидер во однос на десет години повозрасниот Бајден – наведува американскиот весник.
Рускиот пратеник Пјотр Толстој кажа дека Бајден има „политичка деменција“, а ТВ-водителот Дмитриј Киселјов го нарече Бајден „американски пациент“, додавајќи дека тој ќе треба да се соочи со неизбежната ситуација во која „годините ќе го стигнат“. Во прилог на неговите тврдења, Киселјов прикажа снимка од неодамнешното паѓање на Бајден при качувањето по скали за да влезе во претседателскиот авион.
Коментарите на Бајден предизвикаа незадоволство во Русија, но дел од руските аналитичари тврдат дека коментарите на Бајден биле од корист за Путин. Многумина сметаат дека Бајден направи Путин да делува помоќен, соочувајќи се со надворешен непријател, наместо да се штити од пандемијата.
– Во поглед на домашната политика, коментарот на Бајден му помогна на Путин. Антиамериканизмот е нешто што може да предизвика внимание. Не е првпат да се користи антизападната тематика, а ниту последен – вели политичкиот аналитичар Константин Гаазе.
Рускиот весник „Комерсант“ предвидува дека благодарение на Бајден, партијата на Путин, Обединета Русија, би можела да ги освои сите пратенички места во парламентот.
– Џо Бајден покрена важен наратив за обединување на општеството околу Путин, во пресрет на парламентарните избори во септември. Тајмингот на помошта на Бајден не можеше да биде подобар. Темата за непријателот, користена од 2014 година, почна да бледнее – пишува рускиот весник.
Во меѓувреме Путин повторно е во центарот на вниманието на јавноста, откако беше на одмор во Сибир, каде што помина неколку дена во рибарење и во пливање, за што извести руската телевизија, објавувајќи снимки од активностите на рускиот претседател.