Џо Бајден можеби има поголемо искуство во надворешната политика отколку кој било друг американски претседател во изминатите 30 години, но тој е прогонуван од зборовите на Роберт Гејтс, кој беше секретар за одбрана во администрацијата на Барак Обама, пишува „Економист“. Гејтс го нарече Бајден „човек од интегритет“, но во неговите мемоари исто така напиша, „мислам дека тој згреши за речиси секоја голема одлука за надворешната политика и националната безбедност во последните четири децении“.
– Рано е да се каже дали историјата ќе ја вброи одлуката на Бајден за повлекување од Авганистан заедно со оние за поддршката за војната во Ирак и противењето на акцијата за атентат на Осама бин Ладен. Но, препуштањето на Авганистан на талибанците по речиси 20-годишните напори на Америка, глетките на паничното повлекување на сојузниците од Авганистан, како и понижувањето на големата сила кое потсетува на евакуацијата на Сајгон во 1975 година, предизвикуваат со потсмев да се гледа на тврдењето на Бајден дека „Америка се врати“, дека демократијата и сочувството за угнетуваните се во центарот на неговата надворешна политика, и оти американското водство повторно е компетентно – се наведува во анализата на британскиот магазин.
На 8 јули Бајден ја отфрли можноста дека американските дипломати би можеле панично да бараат излез како што беше ситуацијата во Виетнам, велејќи дека „нема никакви шанси за тоа“. Тој кажа и дека можноста за заземањето на целта држава од страна на талибанците не е веројатна. До 14 август, Бајден се обиде да префрли дел од вината за ситуацијата на неговиот претходник Доналд Трамп.
– Кога стапив на функцијата наследив договор кој го склучи мојот претходник. Договорот ги остави талибанците во најсилната воена положба уште од 2001 година – кажа Бајден, додавајќи дека договорот наметнува рок за американското повлекување до 1 мај.
Водечките американски медиуми остро го критикуваат Бајден за ситуацијата во Авганистан. „Лошиот излез на Бајден од Авганистан е катастрофа дома и во странство која долго се создаваше“, наведува Си-ен-ен, додека „Атлантик“ објави „Предавството на Бајден на Авганистанците ќе живее во озлогласеност“, а „Њујорк тајмс“ напиша „Глетки на пораз кои Бајден сакаше да ги избегне“.
Актуелниот претседател сепак застана цврсто зад сопствената одлука, додавајќи дека американската мисија за елиминирање на терористичката закана од Авганистан била постигната години наназад. Критичарите на планот на Бајден за повлекување тврдат дека Америка можела да го одржи компликуваниот статус кво во Авганистан преку оставање на мало воено присуство од можеби 2.500 војници. Тие сметаат дека Бајден ја повторил грешката која Обама ја сторил во врска со Ирак во 2011 година, на наговор, токму од Бајден. Со тогашното повлекување на трупите, Обама остави можност за преземање на територијата од страна на Исламската држава.