Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина се зголеми на 276,6 милијарди долари во 2022 година од 208,4 милијарди долари една година порано,
покажуваат податоците на кинеската царина. Меѓутоа, најновите информации што доаѓаат од Пекинг се дека Кина има добра волја и ќе биде подготвена да преземе повеќе производи и услуги од европските извозни компании, за да се постигне баланс на трговската размена
Европската Унија и Кина заеднички ќе го контролираат спроведувањето на трговскиот договор и поставија агенда за понатамошен дијалог заради урамнотежување на трговската размена, која, според Брисел, сега е во корист на кинеската страна.
Втората по големина економија во светот останува главен снабдувач на европските фирми, но челниците на ЕУ стануваат вознемирени, бидејќи европската економија паѓа додека растат геополитичките искрења меѓу Западот и Истокот. Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина се зголеми на 276,6 милијарди долари во 2022 година од 208,4 милијарди долари една година порано, покажуваат податоците на кинеската царина. Но најновите информации што доаѓаат од Пекинг се дека Кина ќе биде подготвена да преземе повеќе производи и услуги од европските извозни компании.
Кинескиот потпретседател Хе Лифенг изјави дека Кина е подготвена да соработува со Европската Унија за целосно спроведување на важниот консензус постигнат од лидерите на двете страни и унапредување на сеопфатното стратегиско партнерство меѓу Кина и ЕУ, кое би било на ново ниво. Ваквиот став на Пекинг бил изнесен за време на 10-от економски и трговски дијалог на високо ниво меѓу Кина и ЕУ, со кој копретседава извршниот потпретседател на Европската комисија, Валдис Домбровскис.
Кинескиот функционер потсетил дека оваа година се одбележува 20-годишнината од воспоставувањето на сеопфатното стратегиско партнерство со ЕУ и дека Кина е подготвена да работи за целосно спроведување на „важниот консензус постигнат од лидерите на двете страни“, а кој се однесува на консолидирање на соработката во традиционалните области, како и за активно истражување нови области на соработка.
Економските односи меѓу Кина и ЕУ беа во центарот на вниманието овој месец, откако ЕУ започна истрага за кинеските субвенции за нејзината индустрија за електрични возила. Брисел тврди дека субвенциите на Пекинг доведоа до нелојална конкуренција на европскиот пазар. Потпретседателот на Европската комисија, Домбровскис, рече дека го отворил прашањето за растечкиот трговски дефицит на Европа со Кина, кој, како што рече, достигнал 400 милијарди евра.
– Наглото зголемување на трговскиот дефицит во последниве години стана тема на насловните страници и нè принуди да погледнеме повнимателно на ова прашање. Ни треба поголема рамнотежа и реципроцитет во нашите економски односи. Компаниите од ЕУ сакаат да бидат дел од успешната кинеска приказна, затоа е важно да посветивме време на разговори за деловното опкружување – изјавил еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис на средбата со кинескиот колега.
– Наедно, Кина се надева дека ЕУ ќе покаже воздржаност во употребата на трговските мерки и ќе ги стабилизира очекувањата за развој на трговијата меѓу Кина и ЕУ – рече вицепремиерот Хе Лифенг на заедничката прес-конференција во Пекинг.
Европската комисија неодамна објави дека ќе испита дали да воведе царини за да ги заштити европските производители од „поплавата“ на увоз на поевтини кинески електрични возила (ЕВ) за кои вели дека имаат предност поради државните субвенции. ЕУ соопшти дека е отворена за конкуренција, вклучувајќи и во секторот ЕВ, но таа конкуренција мора да биде фер. Кина ја критикуваше истрагата како протекционистичка.
Еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис во вторникот, на конференција за медиумите, за време на четиридневната официјална посета на Кина, предупреди дека кинеските правила што го регулираат преносот на податоци од земјата, вклучувајќи го и ревидираниот закон за антишпионажа, може да имаат „ненамерни последици“.
Компаниите од ЕУ сакаат да бидат дел од успешната кинеска приказна, затоа е важно да посветивме време на разговори за деловното опкружување, изјави еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис
– Ова може да биде системски проблем и може да ги погоди сите компании што работат во странство, не само европски туку и кинески. Може да има несакани последици – рече тој.
Кина неодамна воведе сеопфатни регулативи што ги покриваат областите на сајбер-безбедност, контраразузнавање и управување со податоци, наведувајќи ја потребата од зајакнување на нејзината национална безбедност. Сепак, новите правила загрижија некои странски компании, кои не се сигурни како ќе влијае усогласеноста на нивните операции во втората по големина економија во светот.
Оваа недела Кина исто така претстави нови закони, вклучувајќи го и Законот за надворешни односи, со предупредување за „акти“ штетни за кинеските национални интереси и закон за антишпионажа со кој се забранува пренос на информации поврзани со националната безбедност.
Домбровскис објави дека двете страни се согласиле да формираат две работни групи за да разговараат за трансферот на податоци во секторот за финансиски услуги и прашањата за пристап до пазарот во козметичката индустрија, како и за механизам за решавање на споровите во синџирот на снабдување околу суровините.