Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска изјави дека желбата на кинескиот и американскиот народ за размена и соработка нема да се промени без оглед на тоа како ќе се развиваат билатералните односи.
Си го напиша тоа во одговор до пријателите од американската држава Ајова пред очекуваната средба со американскиот претседател Доналд Трамп во април, пренесе кинеска новинска агенција.
– Надежта во поглед на односите меѓу САД и Кина лежи во народот – рече Си како одговор на новогодишната честитка од бизнисменот од Ајова, Лук Бероне, кого првпат го запознал во мај 1985 година кога предводел делегација од покраината Хебеј во нејзината „сестринска држава“ Ајова, за да дознае повеќе за производството на храна и други области.
Односите меѓу САД и Кина доживеаја турбулентна 2025 година, а Трамп во октомври се закани дека ќе воведе дополнителни царини од 100 oтсто за увоз од Кина.
Се чини дека билатералните односи на највисоко ниво се стабилизираа по разговорите меѓу Си и Трамп во Јужна Кореја во октомври, што доведоа до едногодишно продолжување на трговското примирје.
Трамп се согласи да ги намали царините во замена за обврската на Пекинг да се справи со нелегалната трговија со фентанил, да продолжи со купувањето на американска соја и да ги суспендира контролите за извоз на ретки земјини елементи. Двајцата, исто така, имаа телефонски повик на почетокот на февруари, во кој се осврнаа на Тајван и други теми поврзани со безбедноста.
Според Трамп, Си исто така изјавил дека Кина ќе размисли за зголемување на набавките на американска соја, чиј водечки производител е Ајова.
Трамп минатиот месец изјави дека планира да ја посети Кина во април, додавајќи дека Си Џинпинг ќе отпатува во САД кон крајот на годинава.
































