По нападот во понеделникот навечер во Брисел во кој мигрант од Тунис уби двајца шведски фудбалски навивачи, белгиската полиција евидентира експоненцијален раст на лажни терористички закани во земјата, објави „Брисел Тајмс“.
Според полицијата, иако ваквата појава е очекувана, тие сепак мора ги проверуваат сите пријави.
– Веќе го доживеавме ова со лажни аларми по нападите во Брисел во 2016 година, изјави претставник на полицијата за државната телевизија РТБФ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, меѓу лажните пријави биле и тие дека е виден вооружен човек во трамвај во Брисел, потоа дека е забележан маж кој на себе носи елек со експлозив додека со комби вози низ бриселските улици, како и закани за поставени бомби во Институтот „Сент Мари“ во градот Лувиер и во неколку училишта во провинцијата Фламански Брабант. По извршените полициски проверки утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Полицијата потсетува дека дури и кога станува збор за лажни пријави тие мора да ги следат процедурите, па така беа спроведени евакуации на присутните во Институтот „Сент Мари“ и во училиштата за кои биле примени дојави за поставени бомби.
Лицата кои упатуваат лажни закани за поставени бомби, според белгиското законодавство, може да се соочат со затворска казна во траење од три месеци до две години и парична казна до 1.800 евра, како и да ги платат судските трошоци кои може да бидат значителни.
Според професорот по социјална психологија на Бриселскиот слободен универзитет (УЛБ), Оливие Клајн, појавите на лажни пријави по напад како оној во понеделникот се „природна реакција на настанот“.
– Нападите поттикнуваат поинаков поглед за светот. Тие не тераат да го гледаме светот повеќе од аголот на заканите и нештата околу нас ги толкуваме според оваа рамка… Многу повеќе ја толкуваме реалноста од аголот на опасноста и заканата, изјави Клајн за РТБФ.
Според него, научните студии покажуваат дека кога „умот е во таква рамка, тоа може да не наведе да ја прецениме опасноста што ја носат сосема безопасни работи“, а тоа исто така ги поттикнува и расните стереотипи.
– Студиите во САД покажуваат дека постои тенденција многу почесто да се замисли пиштол во рацете на црнец. отколку на белец, додаде Клајн.