Претседателот на Украина, Владимир Зеленски во интервју за украинскиот радиодифузер Суспилне инсистираше на средба „во кој било облик“ со рускиот претседател Владимир Путин за „запирање на војната“ во Украина.
– Верувам дека без оваа средба е невозможно целосно да се разбере што тие (Русите) се подготвени да направат за да ја запрат војната… без преговори војната нема да биде запрена – истакна Зеленски.
Тој потенцира дека Украина не може да „прифати никаков ултиматум од Русија“.
Зеленски најави и дека секој постигнат компромис во преговорите со Русија ќе биде ставен на референдум.
Тој се осврна и на прашањето за членство на Украина во НАТО.
– Сите веќе го сфативме тоа. Не нè примаат (во НАТО), затоа што тие (земјите-членки) се плашат од Русија. Тоа е сè. А, ние мора да се смириме и да кажеме: Во ред, (ќе ни бидат потребни) други безбедносни гаранции наведе Зеленски.
Тој, исто така, истакна дека верува оти прашањето за Крим, анектиран во 2014 година и регионот Донбас во источна Украина, каде што проруските сепаратисти прогласија две републики, е „многу тешка приказна за сите“.
– За да најдеме излез, прво мораме да го направиме првиот чекор кон безбедносни гаранции и прекин на огнот. За време на првата средба со претседателот на Русија, јас сум подготвен да ги иницирам овие прашања, тие се релевантни, тие се важни за нас“, заклучи Зеленски.