Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го помина почетокот на неделава во Њујорк во интензивни разговори со лидерите на Германија, Јапонија и на Индија. По разговорите тој во јавноста излезе со констатација дека во разговорите биле побарани „чекори кон праведен мир“. Зеленски до скоро одбиваше директни преговори со Москва, но тој испрати сигнали во текот на летото дека преговорите може да започнат, можеби веќе во ноември. Ова претставува потенцијален пресврт во неговата стратегија, иако украинскиот претседател јасно стави до знаење дека нема да се преговара за територијални отстапки без значителни услови

Потенцијален пресврт во стратегијата на украинскиот претседател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го помина почетокот на неделава во Њујорк во интензивни разговори со лидерите на Германија, Јапонија и на Индија, настојувајќи да ја зајакне поддршката за Киев, пренесува британски „Гардијан“.
– Разговаравме за чекорите кон праведен мир – рече Зеленски на својот канал на Телеграм по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, истакнувајќи ја важноста од зачувување на единството меѓу сојузниците во овој клучен момент.
Во исто време, чешкиот претседател Петр Павел, поранешен генерал на НАТО и еден од клучните застапници на Украина, даде интервју за „Њујорк тајмс“. Во него тој го застапува ставот дека „Украина мора да биде реална кога станува збор за враќање на териториите“ што во моментов се под контрола на руските сили. Чешкиот претседател Павел истакна дека „најверојатниот исход од конфликтот ќе биде привремена руска контрола врз дел од украинската територија“, напоменувајќи дека ова „привремено“ може да трае со години. Чешкиот лидер не прецизираше конкретни области што би можеле да останат под руска администрација, но потсети на историски примери на територии што Москва привремено ги држеше под своја контрола.

Ставот на Зеленски за прекин на огнот и воспоставување мир

Украинскиот претседател Зеленски, сепак, засега останува на својот став дека „за Киев единствениот прифатлив исход вклучува повлекување на сите руски сили и обновување на границите на Украина како што беа пред 1991 година“, кога Украина стана независна. Тој, исто така, инсистира на тоа дека Русија мора да одговара за своите постапки започнати од февруари 2022 година.
Спротивно на тоа, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, постојано повторува дека Русија нема друга опција, освен да ги постигне сите свои цели во Украина.
– Конфликтот ќе заврши кога ќе се постигнат целите на Кремљ – рече Песков, нагласувајќи дека „политиката на Русија нема да се промени под надворешен притисок“. Песков и во оваа пригода ги повтори изјавите на официјална Москва од јуни оваа година во Санкт Петербург, каде што рускиот претседател го предупреди Западот за „можноста за распоредување конвенционални ракети со дострел доволен за да погодат цели во САД и Европа“.
Иако Зеленски досега одбиваше директни преговори со Москва, тој сигнализираше во текот на летото дека преговорите може да започнат, можеби веќе во ноември. Ова претставува потенцијален пресврт во неговата стратегија, иако украинскиот претседател јасно стави до знаење дека нема да се преговара за територијални отстапки без значителни услови. Р.С.