Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека напредувањето на украинските сили на бојното поле е „побавно од посакуваното“ на повеќе од една недела од почетокот на украинската воена офанзива за враќање на териториите окупирани од Русија, пренесе денесја „Би-би-си“.
– Некои веруваат дека ова е холивудски филм и го очекуваат резултатот. Не е. Влогот се животите на луѓето, рече Зеленски во интервју за „Би-би-си“.
Зеленски кажа дека воениот продор не е лесна задача бидејќи има 200.000 квадратни километри украинска територија и руски сили.
– Што некои луѓе и да посакуваат, вклучително и обиди за притисок врз нас, со должна почит, ние ќе напредуваме на бојното поле како ние сметаме дека е најдобро – додаде Зеленски.
Тој ја нагласи потребата Украина да добие безбедносни гаранции од НАТО, но додаде дека крајната цел е членство во Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО неделава јасно кажа дека засега нема планови за тоа, но ја покани Украјина на самитот на Алијансата следниот месец во Литванија, потсетува „Би-би-си“.
Украинскиот претседател повторно се заложи Украина да ги добие ветените американски ловци Ф-16 и рече дека верува оти пилотите би можеле да почнат со обука веќе во август, а првиот авион би можел да пристигне за шест или седум месеци.