Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека „нема сомнеж дека проектилот што ја предизвика експлозијата во Полска не бил украински“, пренесе агенцијата Интерфакс.
Зеленски додаде дека Украина „мора да има пристап“ до местото каде што загинаа двете лица, а четворица беа повредени.
Неговите коментари доаѓаат откако и Полска и НАТО соопштија дека Полска „најверојатно“ била погодена од украинска ракета за противвоздушна одбрана, но дека „нема индикации“ дека станува збор за намерен напад.
Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Алексеј Данилов, денеска изјави дека Киев има докази за „руска трага“ во експлозијата во источна Полска за која Варшава и НАТО велат дека најверојатно била предизвикана од украинска ракета за против воздушна одбрана.
Меѓутоа, полскиот премиер Матеуш Маровјетци пред еден час изјави дека „не може да се исклучи дека нападот, на четири милји од украинската граница, бил провокација“.
– Не можеме да исклучиме дека гранатирањето на украинската инфраструктура во близина на границата е намерна провокација направена со надеж дека таквата ситуација може да ескалира – кажа Моравјецки.
Претседателот на Полска, Анджеј Дуда денеска го отфрли барањето на Украина итно да се вклучи во истрагата за вчерашната експлозијата и падот на ракета при што загинаа две лица во полското село Пржеводов во близина на границата со Украина.
– Досегашната полска и американска истрага укажува дека станува збор за пад на украинска ракета за противвоздушна одбрана – истакна Дуда.
Американскиот претседател Џо Бајден вечерва предложи истрагата да биде сојузничка и спроведена од полски и американски истражители.
– Ако некој сака да ги пуштиме во истрага, прво мора да се договорат за тоа американска и полска страна – изјави денеска Дуда на прес-конференција по седницата на Советот за национална безбедност.
Претходно, пред средбата, претседателот Дуда и премиерот Матеуш Моравјецки објавија дека со многу, многу голема веројатност, ракетата што паднала во близина на складиштето за жито во пограничното село Пржеводов била украинска ракета за воздушна одбрана истрелана за да пресретне руски ракети за време на масовно бомбардирање врз Украина и случајно слета во Полска.
– Нема ништо што укажува дека станува збор за намерен напад. Во вторникот, украинските воздушни одбранбени сили испукаа ракети во различни правци. Немаше класична експлозија, туку само пад на ракетата со експлозијата на гориво што следеше – истакна Дуда.
Претходно и Моравјецки истакна дека тоа е несреќен случај, а не руски ракетен напад врз Полска, како што изјави за инцидентот украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинските власти денеска побараа Полска веднаш да ги вклучи во истрагата и веднаш да испрати претставници на украинското Министерство за одбрана и граничарите на теренот каде што се случи експлозијата, а тврдат дека имаат докази дека има руска трага.